1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трескавично се трага по авионот на „Ер Франс“

2 јуни 2009

Освен чудо нема никакви шанси за преживеани од вкупно 228 лица кои се наоѓаа во авионот, но потрагата по исчезнатиот Ербас не само што продолжува, туку се интензивира.

https://p.dw.com/p/I2Cf
Фотографија: AP

Во моментов се води голема меѓународна акција во Атлантскиот океан на половина пат од брегот на Бразил и на островите од Зелениот ’Рт.

Министерот за транспорт Жан-Луи Борло, на фрацуското радио РТЛ изјави дека се работи на утврдување на регионот каде ќе се вршат пребарувањата. Еден пилот од бразилската компанија „ТАМ“ забележал светлосни точки на околу 1300 километри од архипелагот Фернандо де Нороња. Ербасот на Ер Франс, кој леташе на линијата Рио де Жанеиро-Париз ги надлета овие острови кои се наоѓаат на околу 350 километри од бразилскиот брег, во моментот кога го имал последниот контакт.

Во пребарувањето се вклучени три француски специјализирани воени авиони за пребарување на морските површини, Бразил има ангажирано 6 авиони, два хеликоптери и два воени бродови, а кон овој дел на океанот се упатија и два други француски воени бродови и една фрегата. Американците исто така пружаат помош со нивните сателити кои го покриваат овој дел на земјата и со испраќање на еден авион за набљудување, а попладнево кон зоната ќе полета и еден француски Авакс, за да ги координира спасувачките акции. Лошите временски услови не го олеснуваат пребарувањето на океанот. Кон местото на несреќата е упатен и еден француски карго брод, бидејќи треба итно да се соберат максимум податоци или остатоци од авионот и евентуално црните кутии, кои можат да дадат одговор што навистина се случило со авионот.

Airbus über dem Atlantik verschwunden
Семејствата чекаат информацииФотографија: AP

На семејствата на патниците во авионот им е понудена психолошка помош

Компанијата Ер Франс веќе не комуницира со јавноста за причините на несреќата, бидејќи сите податоци со кои располага им биле предадени на истражните органи. Истрагата се води како од судските истражни органи, така и од судската полиција и одделот специјализиран за борба против тероризмот. По првите шпекулации за причината на несреќата, денес воздржаноста е многу поголема и не се исклучува ниту една друга причина.

„Никогаш не може однапред да се исклучи терористичката линија, бидејќи тоа е главната закана со која се соочува нашата земја. Но, во моментов кога зборувам, нема ниту еден елемент, со кој може да се тврди дека станува збор за терористички акт“, изјави министерот за одбрана Херве Моран.

Во моментов, приоритет се семејствата на исчезнатите, кои од вчера (02.06.2009) започнаа да пристигнуваат на аеродромот Шарл де Гол – Роаси. Тие доаѓаат од сите страни, бидејќи исчезнатите доаѓаат од триесетина држави, меѓу кои и од Германија. Нив им е понудена психолошка помош. „Семејствата зборуваат за нивните блиски тие се многу достојни и многу храбри“, изјави свештеникот Жерар Скарчиони. Четириесетина семејства веќе побарале психолошка помош.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска