1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да се продолжи натаму

3 април 2008

Македонските политичари и експерти сметаат дека не е се завршено, но сугерираат умерена реакција и во случај да е неповолен и конечниот исход од самитот во Букурешт

https://p.dw.com/p/DamQ
Македонија ќе ги разгледа натамошните опцииФотографија: Petar Stojanovski

Оптимизмот што го подгреа американскиот претседател Џорџ Буш со изјавата дека Македонија ќе добие покана за членство спласна по синоќешната вест од Букурешт дека на неформалната вечера било решено во НАТО да влезат само Хрватска и Албанија. Македонските политичари и експерти сметаат дека не е се завршено, но сугерираат умерена реакција и во случај да е неповолен и конечниот исход од самитот во Букурешт. Неговото отворање во Македонија се следеше со големо внимание, буквално сите телевизиски канали имаа отворени информативни програми и директни јавувања од романската престолнина. Весниците најавија вонредни изданија. По веста која голем број граѓани ја примија со неверување, аналитичарите ги смируваа страстите, апелираа следните потези да се влечат со студена глава. Една од можните реакции на официјално Скопје ја најави вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска Трајковска.

„Има една позиција за која што сме размислувале и за која имаме став а тоа е да се преземат правни мерки во однос на спогодбата која што е потпишана во 1995 година. Имаше два правци кои ни ги сугерираа повеќе експерти. Едниот е дефинирање дека станува збор за кршење на спогодбата и да се разгледа во Националниот совет, и втората е таа да се поднесе тужба пред меѓународните институции соодветни за да се заштити правото и позицијата и прашањето да стои отворено.“

Опозицијата не се согласува дека е тоа најмудрата алтернатива и предупредуват од можноста од нова политичка криза во државата.

„Ние сме држава и ние мора да издржиме, една етапа, друга, одбивање од НАТО, ќе издржиме. Тоа се мали периоди за една држава. Сега не треба да правиме ништо, сме добиле удар, кој треба да го примиме, не треба да ги менуваме сојузниците ниту да се занимаваме со тоа кој ни направил неправда. Напротив, треба да ги продлабочиме релациите бидејќи тие се стратешки со сојузниците,“, изјави поранешниот макеоднски министер за надворешни работи Љубомир Фрчковски во една ТВ дебата.