1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Транспарентноста не живее во Македонија

Катерина Блажевска29 декември 2013

Транспарентноста во Македонија е рамна на нула. Дури и со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информации се добиваат бавно, селективно, а најчесто се неупотребливи, вели новинарот Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/1Ai7h
Фотографија: picture-alliance/dpa

Колку буџетски пари троши Владата за реклами? Колку буџетски средства се потрошени за владините роуд-шоуа? Кој донел одлука во центарот на Скопје да се постави споменик на српскиот цар Душан? Ова се само дел од прашањата кои секојдневно се повторуваат во јавноста, без можност јавноста да добие одговор. Соговорниците на ДВ немаат дилема во одговорот на прашањето: Kаде е проблемот: во истражувачката „импотентност“ на медиумите или во потентната нетранспарентност на институциите?

Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко-политички и правни истражувања на УКИМ, вели дека Владата не исполнува ниту еден од елементите за да биде наречена транспарентна. „Ниту централната, ниту локалната власт не обезбедуваат таков начин на прикажување на буџетското трошење, кој ќе им даде јасна слика на граѓаните за тоа колку, каде и како се потрошени буџетските пари; како се донесени решенијата тие средства токму така да се трошат, а не поинаку, и кои се аргументите во прилог на ваквото трошење. Второ, предлагањето на донесување закони во скратена или итна постапка, односно, отсуството на навремена, суштинска расправа со видлив резултат, е јасен индикатор за нетранспаретност. На тој начин се губи можноста сите да бенефицираат од колективната експертиза и искуство, да се избегнат честите менувања на легислативата и да постои согласност која ги сведува на минимум ситуациите на конфликт. На пример, непочитувањето на законската процедура за поставување спомен-обележја, создава услови за меѓуетнички и меѓурелигиски конфликти“, предупредува Најчевска.

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Mirjana Najcevska

Медиумите со врзани раце

Нетранспарентноста најдиректно и најнегативно се одразува врз работата на медиумите. Честопати, во неможност да добијат податоци од надлежни институции, тие се принудени да шпекулираат и да објавуваат непроверени информации. Штетата е тројна: јавноста не добива точни информации, медиумите добиваат етикета на непрофесионалност, а земјата оценка за „нетранспарентно и затворено општество“.

Мерсел Биљали, професор на Универзитетот ФОН, потсетува дека транспартентноста е белег на демократско владеење, каде што одговорноста и отчетноста се главен морален чинител на носителите на јавни функции.

„Не може ни да се замисли транспарентност во владеење при услови на тотална контрола над медиумите. Потреба за таква контрола има само тој што сака нешто да крие од јавноста, кој се плаши од вистината. Да имавме транспарентност немаше да се случи мега-злоупотреба со 'Скопје 2014', немаше да се случи политичка манипулација со чувствата на граѓаните во однос на името на државата, бидејќи таа згасна во 2005 година, по американското признавање на името. Но, поради задушување на медиумите, исчезнаа транспарентноста и дебатите, а останаа само обвинувањата, етикетите и сатанизирањата. Да имавме транспарентност немаше да се претвориме од балкански крстопат во балканско слепо црево. Неповратно се прокоцкаа сите коридори и проекти со астрономска вредност. Не е можна проценка на загубеното“, констатира Биљали.

Очигледно - е можна. Ерол Ризаов, коментатор во „Утрински весник“ кој неодамна ја доби наградата „Жан Моне“ за најдобар новинарски текст на тема ЕУ, оцени дека наградата ја доживува како „личен пораз“.
„Дваесет и пет години пишувам за ЕУ. Веројатно ќе заминам во пензија, без да влеземе во ЕУ“, вели Ризаов. Тој не е единствен кој смета дека ЕУ како парадигма и персонификација за достигнати стандарди, слободи и вредности, не е можна без принципите на транспарентност и отчетност.

„Транспарентноста во Македонија е рамна на нула. Дури и со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информации се добиваат бавно, селективно, а најчесто се неупотребливи. Еве еден пример: власта се фали дека за седум години дала 500 милиони евра субвенции во земјоделството. Но, досега не е направено ниту едно новинарско истражување за да се види дали тие пари навистина завршуваат кај земјоделците или на некаков начин се враќаат во партијата. Не е направено, затоа што владее нетранспарентност и се кријат податоци. Истото важи и за спомениците. Во таква ситуација на новинарите им останува да се снаоѓаат на различни начини, а поради недостиг на валидни информации ризикуваат да бидат тужени. Денес, која било тема може да падне поради неиспочитувани професионални стандарди. Затоа владее и страв и автоцензура, затоа нема и новинарски истражувања“, укажува Ризаов.

60 Jahre DW Erol Rizaov mazedonischer Journalist
Ерол РизаовФотографија: privat

Тест на штетност

Многу информации од јавен карактер денес им се недостапни на новинарите со образложение дека со нив незаконски би се откриле лични податоци или дека со откривање на информации би се предизвикала штета за работењето на одреден државен орган. Според Комисијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер, личните податоци не можат да бидат основа за одбивање на пристап до информации. Законот нуди решенија, според кои личните податоци се бришат, а другите податоци треба да се доставаат. Исто така, треба да се спроведе и т.н. тест на штетност, со кој може да се утврди дали е поголема штетата за државниот орган, ако податоците се објават, или е поголема штетата за општеството, ако податоците не се објават. Но, засега овие прашања се третираат само во мал број истражувачки проекти. Широка јавна дебата за проблемите - нема. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, причините за ваквите состојби ги лоцира во омнипотентноста на партиите на власт.

„Отсуството на транспаретност на институциите во Македонија покажува дека државата е поклопена од партијата, виталните институции се онеспособени да ги извршуваат функциите заради кои се основани, а законите практично важат само за обичните смртници. Во таква ситуација, носителите на јавни функции не чувствуваат потреба да бидат одговорни и да дадат отчет пред јавноста, туку само пред партијата и лидерот. Затоа ЕУ вели дека во Македонија има селективна правда. Да бидеш транспарентен значи да бидеш одговорен. Од јавноста се кријат само луѓе кои имаат проблем да покажат дека одговорно ја извршуваат функцијата и дека домаќински располагат со јавните пари“, вели Селмани.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Има ли политичка волја?

Транспарентноста има многу имиња: едни бараат фискална, други политичка, трети активна транспарентност - која подразбира континуирано информирање на јавноста за сите програми, предлог-стратегии, мислења, студии, документи кои од надлежност на институциите - иматели на информации. Но суштината на различните имиња на транспарентноста е иста - чесна и навремена отчетност.

Марjан Николов, претседател на Центарот за економски анализи (ЦЕА), во една колумна даде личен предлог: „Зошто да не се истакнат, на пример, списоци на сите оние што добиваат субвенции за земјоделство со име и презиме, со културата/стоката/дејноста што ја одгледуваат и со сумата што ја добиле. Граѓаните сами нека пресудат дали субвенциите одат во вистински раце. Можеби постојат некои шеми за кои не се свесни и одговорните во Владата. Потоа тие списоци може да им се достават најмалку на земјоделски здруженија, па тие исто така нека дадат предлози до Владата за подобрување на целиот систем на субвенционирање. Ова ќе му помогне и на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања да креира политики и да знае каде да ги фокусира ограничените средства за земјоделството, на пример“.

Владата, која секоја година организира ден во кој ги сослушува идеите и предлозите на граѓаните, сѐ уште не се изјаснила за вакви и слични предлози дадени во медиумите, кои се темелат на принципот на транспарентност. Можности има многу, но нивната реализација зависи само од едно нешто - политичка волја. Дали ја има, секој сам ќе може да процени.