1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Транзициски лузни

21 јуни 2010

Колку луѓе - толку судбини, толку различни приказни. Лузните од транзицискиот период во Македонија се некаде помали, некаде поголеми.

https://p.dw.com/p/Np5x
ПрилепФотографија: Petar Stojanovski

Ниту еден транзициски период не поминал без жртви, лични драми и последици.Трансформацијата на општествената во приватна сопственост, за најголемиот дел фирми значеше затворање на вратите за најголемиот дел од работниците. Гигантите во дрвната, текстилната индустрија, градежништвото, каде некогаш ечеа халите и брчеа машините, ги снема, се претворија во мали фирми со по неколку души. Другите го добија статусот на технолошки вишок или стечајни работници.

Шеесетгодишниот архитект Диме Брдароски, сега со насмевка ја раскажува својата животна приказна, но трeбаше да поминат години и многу труд и работа, за успехот да ја избрише горчината која ја оставија транзициските сакатења. Променил многу фирми, но трнзицискиот период го затекнал во „Металски завод Тито“, во Скопје. Го напуштил кога сфатил дека долгите партиски состаноци се почеток на крајот на еден од најголемите гиганти во металската индустрија, но и на неговата кариера.Одлучил наместо архитект да стане кафеанџија.

Еден е есапот дома, друг на пазар

„Одлучив да купам дваесет литри ракија и дваесет гајби пиво и за една недела да обезбедам какви-такви средства за да можам да прежеивеам. Зедов простор под кирија и отворив бифе.

Но, есапот не излегол според планираното, а кризата ја почувствувало целото семјетво.

„Почнавме стари книги да купуваме, од улица, за децава кои секогаш имаа тетратки прва класа. Ја продадов колата, купив Југо на старо, со дефекти, проблеми...“

На крајот сепак одлучил да го работи она што најдобро го знае - проектирањето.Се вратил во Прилеп и ја отворил фирмата „Простор Проект“. Мала фирма, во споредба со некогашните гиганти во кои го печел занаетот. Сегашната ситуација вака ја опишува.

Prilep, Mazedonien
Околу 22 илјади прилепчани беа вработени во општествени фирми - сега половината се без работаФотографија: Petar Stojanovski

„Тешко е во овие услови, уште сме во транзиција. Можеби малку и се откачивме од дното, но кризата се‘ уште се чувствува.“

„Македонија го избра најлошиот модел за трансформација на капиталот“

Успешен дипломат во поранешната СФРЈ, член на раководството во модната конфекција „Солидност“ и на крајот - стечаен работник. Од ваква позиција Благоја Конески одлучил сам да се испроба во текстилниот бизнис.

„Цела фамилија, со сопругата и ќерките, работиме еве втора сезона, извадивме сопствен бренд на детска облека. Никогаш не ме напуштил оптимизмот.“

Македонија го избра најлошиот модел за трансформација на капиталот, вели Конески, само мал круг луѓе ги искористијатранзициските текови за да ги наполнат сопствените џебови. Оставени беа фирмите сами на себе со несредени имотно-правни односи и тоа си го стори своето, една по една паѓаа и ниту една добро стоечка фирма не опстана.

„Трансформацијата се претвори во грабеж“

И Ангеле Савески, го замени гигантот во дрвната индустрија „Црн Бор“, во кој работеше, за мала работилница. Неколку шнајдерски и тапацерски машини , неколку топови мебел и го започна бизнисот.

„За мене сознанието дека ’Црн Бор’ ќе се ликивидира, беше катастрофа. Имаше 1700 вработени. Сега работам со четири вработени, меѓутоа и тоа тешко, некако добивам само сезонска работа.“

И според Савески, трансфомрацијата се претори во грабеж на имотот на работниците.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Дел од жртвите на транзицијата, како Благоја Конески, решиле да се испробаат во текстилниот бизнисФотографија: Nikos Pilos

„Имотот на тие работници беше одземен, на некој начин работничката гласа беше силувана да ги потпише решенијата за отстапување на акциите, само да носи едно парче леб дома.“

Околу 22 илјади прилепчани беа вработени во општествени фирми. Трансформацијата за повеќе од половината значеше губење на работните места. Во таква ситуација ниту синдикатот не беше и не е моќен да им помогне многу, вели претседателот на општинската организација Лазар Ангелески:

„Најголемиот дел од овие работници, беа принудени да се снаоѓаат, да се занимаваат со сива економија, односно да продаваат по пазари, производство на занаетчиски производи ,земјоделско производство особено тутунопроизодство.“

Бавната транзиција и бавниот економски раст, се‘ повеќе ја зголемуваат сиромаштијата во државата. Успешните приказни на луѓе кои успеале повторно да застанат на нозе се се‘ помалку.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска