1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички циркус со последици

Миодраг Шориќ
9 јуни 2017

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по сослушувањето на Џејмс Коми нема да биде отповикан од функцијата, смета Миодраг Шориќ. Но Вашингтон и натаму е во маѓепсан круг и се ослабнува самиот себеси.

https://p.dw.com/p/2eN7O
USA Comey - Kongressanhörung - TV-Übertragung
Фотографија: DW/M. Shwayder

Штетно за угледот, но не и вистински опасно за Трамп. Така гласи заклучокот од сослушувањето на разрешениот директор на ФБИ, Џејмс Коми во Сенатот. Иако сослушувањето на виделина изнесе нови детали за очигледно дрското и самобендисаното однесување на американскиот претседател,  сепак не донесе докази за потенцијални прекршувања на законите. 

Американците различно ја интерпретираат политичката драма во Вашингтон. За демократите сослушувањето е натамошен доказ за тоа дека овој претседател, кој не е дораснат на функцијата, навистина е опасен. За фановите на Трамп сослушувањето уште еднаш покажа дека нивниот херој - политички аутсајдер - е жртва на политички интриги, поттикнати од либералниот естаблишмент во Вашингтон.

Остатокот од човештвото најрадо не би го гледало овој политички циркус. Но и тоа не е возможно, бидејќи она што се случува во Вашингтон има последици. Сигурно е дека Трамп засега останува на функцијата, но ќе му биде сѐ потешко да владее, да донесува закони преку Конгресот, да покаже надворешнополитичко лидерство. Зашто, и покрај тоа што републиканците ги контролираат двата дома на американскиот парламент, тие само колебливо го следат овој претседател. Малку нешта говорат во прилог на тоа дека оваа администрација, како што најави, во брзо време ќе усвои здравствена или даночна реформа.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Не е на повидок постапка за импичмент

Сослушувањето на Коми се погрижи за тоа, Вашингтон и натаму да се занимава со самиот себеси. Владата делува како парализирана и едноставно не ѝ успева да се ослободи од стегите. Трамп негира дека вршел влијание врз тековните истраги на службите. И така неговиот збор стои против оној на Коми. Така што, не може да се започне постапка против Трамп за отповикување од функцијата, дури и ако кон тоа стремат многу демократи.

Противниците на Трамп во рамките на Републиканската партија стравуваат да го предадат својот претседател. Процесот за импичмент би можел да трае со години, со неизвесен исход. Повеќето Американци, толку бргу по последните избори, не би имале разбирање за тоа. И така политички Вашингтон може да се влечка од едно сослушување до друго - сѐ до летната пауза.

Другите профитираат од слабоста на САД

Москва и Пекинг профитираат од оваа заплеткана ситуација. Колку послаби се САД, толку појаки се нивните противници. Онаму каде САД ќе отпаднат како водечка сила, Русите и Кинезите се обидуваат да го пополнат вакуумот. Често со успех. Кина го проширува своето влијание во Африка, Русија на Блискиот и Средниот Исток.

Во вакви околности, пријателите на САД - меѓу нив и Германија - посакуваат брз крај на аферата во Вашингтон. Таму, меѓутоа, демократските мелници мелат темелно. И полека.