Трамп: Потпалување на стравовите од имиграцијата
31 јануари 2018Во неговиот прв говор за состојбата на нацијата претседателот Трамп не навреди никого по име. Не ја нападна Хилари Клинтон ниту медиумите - неговите две најдраги цели. Не го продлабочи јазот меѓу републиканците и демократите - всушност декларативно се заложи за бипартизмот, повикувајќи ги пратениците во законодавниот дом на САД да соработуваат за доброто на американскиот народ. Толку за добрите вести од обраќањето на Трамп.
И додека почетокот, а во одредена мерка и крајот на неговиот многу долг говор, би можеле да се окарактеризираат како позитивен осврт со фокус на економијата и на гордоста на американската нација, тонот во средината на обраќањето стануваше сѐ помрачен и позаканувачки.
Повеќе на темата:
-Говор на Трамп: Помалку разединувач, повеќе помирувач?
-Трамп отвора шанса за „сонувачите“
-Топли поздрави за Трамп од „по...те земји“
Посебно во деловите посветени на имиграцијата претседателот претстави слика на Америка која наводно е жртва како на легалната така и на илегалната имиграција. Трамповото претставување на имигрантите како ужасна закана за обичните Американци достигна најниско ниво кога тој ја злоупотреби болката за политички цели. Исто како и во претседателската кампања, тој го сврте вниманието кон родителите во публиката, чии деца биле убиени од припадници на банди, кои исто така се доселеници без валидни документи.
Фокус на имиграцијата
Занимливо е дека делот за имиграцијата во говорот беше и најдетален дел од обраќањето, кое инаку беше многу неконкретно. Трамп ги повтори како што ги нарекува четирите столба на реформата на доселувањето: патот до државјанство за таканаречените „сонувачи“, ѕидот на границата со Мексико, како и ставањето крај на лотаријата за зелена карта и драстичното намалување на семејната миграција.
Исто така важно, но и страшно е тоа што Трамп не само што нелегалната имиграција ја поврза со насилството на бандите во САД, туку двата клучни дела на легалното доселување - лотаријата и семејната миграција - ги поврза со тероризмот.
И додека претседателот се послужи со зборот „компромис“ за да ја објасни неговота понуда за пат кон државјанство на „сонувачите“ , неговата претстава на Америка како нација под закана од имиграцијата остава малку простор за компромис со демократите за тоа прашање.
Она што е впечатливо е тоа што Трамп фокусот го стави на заштитата на американските домаќинства од претпоставената закана од каков било вид имиграција, како и на претставувањето на САД како земја под економска опсада од странски држави кои применуваат трговски мерки кои не се фер и се штетни за благосостојбата на американските работници.
Тоа функционираше во кампањата за окрупнување на неговата избирачка база, а веројатно сѐ уште функционира и денес.
Анатема на САД како нација на мигранти
Исто толку впечатливо е и она што тој го минимизираше. На пример Русија - која поради наводно мешање во американските претседателски избори и можни врски со кампањата на Трамп е предмет на неколку истраги - беше спомената еднаш, Кина трипати, а светската „демократија“ ниту еден единствен пат.
И додека првото обраќање на Трамп за состојбата на нацијата со сигурност ќе биде примено добро од неговата политичка база и ќе најде одек и во добар дел од Републиканската партија, неговиот длабоко нативистички тон е анатема за секој кој ги смета САД за нација на мигранти и верува во нивното мото E Pluribus Unum „Од многумина, еден“
Така погледнато, говорот навистина има најмалку еден корисен ефект. Имено, тој конечно ќе им стави крај на сите бесполезни дискусии за Трамп како потенцијален „обединувач“ и за потенцијалното ресетирање на претседателството на Трамп.