1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп: „Оваа влада работи како добро подмачкана машина“

ЕМФ /дпа/ртр/афп
17 февруари 2017

Американскиот претседател Трамп сведе мини-биланс од првите четири недели од мандатот и си ги пофали своите одлуки. Проблемите ѝ ги припиша на претходната влада и повторно жестоко ги нападна медиумите.

https://p.dw.com/p/2XkBc
USA PK Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

На прес-конференцијата во Белата Куќа, американскиот претседател Доналд Трамп ја бранеше својата политика: „Оваа влада работи како добро подмачкана машина“, рече тој пред новинарите во Вашингтон.

Трамп е уверен дека ги спровел ветувањата дадени во предизборната кампања и оцени дека веројатно ниту еден американски претседател досега не бил толку успешен во толку кратко време. Според перцепцијата на американскиот претседател, неговата политика наидува насекаде на големо одобрување и во светот на бизнисот има бран на оптимизам. Демократите се виновни што сѐ уште нема согласност за неговиот кабинет, вели Трамп.

Проблемите префрлени на грбот на Обама

Тој се пожали дека од својот претходник Барак Обама наследил хаос кој сега треба да се расчисти: „Наследив хаос, дома и во странство“, рече Трамп. „Работните места наголемо се иселуваат од нашата земја, Блискиот Исток е катастрофа.“ Во објаснувањето колку тешка состојба наследил, Трамп како пример ја спомена и состојбата во Северна Кореја. Кризите во Северна Кореја и Блискиот Исток, наведе тој, се меѓународни конфликти кои траат долго и со кои пред него се занимавале повеќемина американски претседатели.

Дебатата околу можните контакти со Русија, според Трамп, ја отежнуваат политичката соработка со Кремљ. „Стана потешко да се дојде до договор“, рече американскиот претседател. Притоа, добри односи со Русија се нешто што се посакува: „Ние сме многу моќна нуклеарна сила, а истото важи и за Русија. Ако имаме добри односи со Русија,тогаш тоа е нешто добро, а не лошо“, рече Трамп. Тој најави дека ригорозно ќе бидат гонети лицата кои на медиумите им проследуваат доверливи информации од Белата Куќа. „Тоа се криминални протекувања“, оцени Трамп, додавајќи дека бил шокиран кога видел дека во медиумите има многу доверлива содржина од неговите телефонски разговори со Мексико и Австралија.

USA PK Donald Trump
Фотографија: picture alliance/AP Photo/P. Martinez Monsivais

Нов декрет за доселување

Американскиот претседател најави и нов декрет за доселувањето, откако судовите ја стопираа контроверзната забрана за влез во САД на граѓани од неколку доминантно муслимански земји. Не наведувајќи детали од новиот документ, Трамп потенцираше дека станува збор за опширен декрет „за заштита на нашиот народ“.

И на оваа прес-конференција американскиот претседател ги повтори острите критики на сметка на медиумите, велејќи дека се обраќа директно до американскиот народ, со оглед на тоа што медиумите не сакале да известуваат за вистината и ги премолчувале успесите на неговата влада.

Инаку прес-конференцијата беше всушност свикана со цел да биде претставен новиот кандидат на Трамп за министер за труд. Функцијата би требало да ја извршува Александер Акоста, стручњак во сферата за трудово право. Номинацијата на Акоста следува откако еден ден претходно се повлече досегашниот кандидат за таа функција, Ендру Пуздер.