1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп доаѓа во „нова Европа“

Герхард Гнаук
5 јули 2017

Пред самитот на Г20, Доналд Трамп ќе престојува во Варшава каде ќе се состане со 12 лидери на „Иницијативата три мориња“. Полска сака да игра главна улога меѓу тие земји меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море.

https://p.dw.com/p/2fwLP
Donald Trump
Фотографија: Getty Images/Chip Somodevilla

Возбудата во Варшава расте веќе со денови. Не е првпат некој американски претседател да ја посети Полска, по посетата на Ричард Никсон во 1972 година имаше уште 10 такви посети. Не е тоа ни прв состанок на регионалните лидери во Полска, но денеска и утре (5.-6.7.) сето тоа се случува одеднаш. Доналд Трамп, еден сосема поинаков американски претседател, во Варшава ќе се сретне со 12 лидери на држави од Естонија, до Бугарија, вклучувајќи ја и Австрија.

Како што се слуша од Белата куќа, Трамп во Полска сака да искаже „непоколеблива поддршка на Америка на некои од своите најблиски сојузници и да нагласи оти еден од најголемите приоритети за актуелната американската влада е зајакнување на колективната одбранбена моќ на НАТО“. Станува збор и за „заеднички вредности и интереси“ и  за потесна врска со Средна Европа. Трамп има намера во таа пригода да положи венец на жртвите на Варшавското востание и да одржи „важен“ говор.

„Иницијатива три мориња“

За американските лидери посетата на Варшава речиси секогаш е нешто како посета на домашен терен: демонстранти речиси и да ќе нема, но затоа ќе има многу докази за историските врски и пријателство меѓу Полска и САД. Варшава нема само да се покаже како добар домаќин на лидерот на „Земјата со неограничени можности“, туку и како иницијатор за регионалната „Иницијатива три мориња“.

Полскиот претседател Анджеј Дуда за оваа иницијатива неуморно се залага- последен пат тоа беше во мај во Братискава. „Полска сака преку оваа регионална зедница да учествува во изградбата на цела евроатланска целина“, изјави Дуда. Средна Европа за Полска е „сосема природно политичко опкружување“ и затоа и Варшава тежнее Средна Европа да биде „безбедна и кохерентна и динамично економски да се развива“.

NATO Gipfel in Warschau Andrzej Duda Präsident Polen
Претседателот на Полска, Анджеј ДудаФотографија: Reuters/J. Dudek

Дуда укажува дека, слично на соработката меѓу источните членки на НАТО, полскиот претседател ги нарекува „Деветката од Букурешт“, и оваа иницијатива има за цел да делува внатре во постоечките структури на ЕУ. „Иницијативата три мориња“ не тежи кон создавање некаков блок ниту сака да спроведува сопствена политика, уверуваат од овие земји.

Исто така, тоа не е замена за Вишеградката група, најконкретната форма на соработка во тој регион и врска меѓу Полска, Унгарија, Чешка и Словачка. Наместо тоа, „Иницијативата три мориња“ се залага за зеднички инфраструктурни проекти како што е автопат меѓу северот и југот преку истокот на Ерропа, т.н. Виа Карпатија, а желбата е и да се помогне на сиромашните региони на  источната граница со ЕУ. Би требало да се подобри и протокот на природен гас и други енергенси преку тие земји, како поради безбедноста во снабдување, така и поради успешна конкуренција на пазарот. Сето тоа, уверен е Дуда, се „логични последици“ на членството во ЕУ и во НАТО.

„Нова Европа“

Сепак, сите овие идеи звучат познато. Еднаш веќе постоеше една полска иницијатива „меѓу мориња“ во која Варшава пред Втората светка војна се обиде да створи врска меѓу помалите земји притиснати меѓу нацистичка Германија и агресивниот Советскиот Сојуз - со познат исход. Морињата тогаш беа само Балтичкото и Црното, а сега Полска пушти рака кон Јадранското Море, односно кон Хрватска - првиот состанок на иницијативата и се одржа во таа земја во 2016 година.

Polen Gas Hafen Swinoujscie Schiff
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Muranski

И уште едно сеќавање се буди, и тоа токму поради посетата на Трамп, кога САД во 2003 година тргнаа кон уривање на режимот на Садам Хусеин во Ирак, Германија објави дека „не е подготвена за авантури“, но во „Коалицијата на волните" се најдоа и Полска, Унгарија и Чешка. Овие нови членки на НАТО тогаш се нарекуваа себеси „нова Европа".

Помешани чувства

Деновиве, значи Трамп се сретнува со таа „нова Европа“, со владите, барем оние на Унгарија и на Полска, кои исто така се многу скептични кон либералната демократија и естаблишментот. И иако е вистина дека многу од источните земји се загрижени поради нејасниот став на Трамп кон Русија и НАТО, Полска сепак го пушта американскиот претседател да биде главен јунак во својата чудна игра.

Така би можело да започне ново пријателство меѓу САД и „Нова Европа“, овој пат и со помош на нови два фактора, со првата испорака на течен гас од САД во Полска, што на земјата ѝ дава надеж дека може да стави крај на речиси целосната зависност од гас од Русија, и второ, фактот дека за првпат војници на НАТО всушност навистина се присутни во Полска и на Балтикот.

Verlegung US-Panzerbrigade nach Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Bielecki/PAP

Доаѓање по аплаузи

На почетокот на годината свечено беше отворена командата на единиците на НАТО во Полска и во Балтичките држави во Елблаг во северна Полска. Тука се стационирани 280 офицери од 13 земји, кои командуваат со борбената група со 1270, претежно американски војници. За волја на вистината, ова испраќање на војници на НАТО, нема врска со Трамп- имено тоа го одлучи Алијансата уште за време на мандатот  на Барак Обама и тоа беше реакција на руската агресија против Украина и ѕвечкањето со оружје на Москва против целиот НАТО.

Трамповата посета на Варшава спроти самитот на Г20 во Полска се сфаќа како јасно признание за верноста на Полска кон САД и како јасен политички сигнал. Од друга страна, во Варшава не сакаат да согледаат дека тоа може да се сфати и како чекор кон уште поголема поделба во рамките на Европската унија. А за Трамп оваа посета е можност барем некаде во Европа да биде дочекан со аплауз и овации-  што сигурно нема да ги добие на самитот во Хамбург и на западот на Европа.