1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагањето по позитивни вести беше попусто

Владимир Милер19 декември 2006

Што се се случи во светската политика во 2006-та?

https://p.dw.com/p/Adul
Војната во Либан траеше 33 дена
Војната во Либан траеше 33 денаФотографија: AP

Војни и насилство владееја со животите на милиони луѓе во 2006-та, и тоа пред се на Блискиот исток и во Африка. Повеќе од 3 700 цивили месечно гинеа во шиитските и сунитските напади во Ирак. Јазот меѓу двете религиозни групи станува се подлабок. Насилството е надвор од контрола. Во еден од најкрвавите напади, на крајот на ноември, загинаа повеќе од 200 луѓе. Претседателот Џалал Талабани, кој е Курд, по тој напад заедно со неговите заменици – шиитски и сунитски Арап, издаде заедничко соопштение:

”Јас сум за смирување на ситуацијата, за смирување на душите. Мислам дека на насилството не смее да се одговара со насилство.”’

Желба, која досега покажа мало дејство.

Смрт со бесење гласеше пресудата за некогашниот ирачки диктатор, Садам Хусеин, изречена на петти ноември. Казната е изречена поради злосторства против човештвото. Кога пресудата ќе биде реализирана сеуште не се знае – Садам Хусеин мора да одговара и за други дела.

Во САД, три години по почетокот на војната во Ирак постојано опаѓа поддршката што беше дадена за воената интервенција на владата на Буш. Експерти, како поранешниот советник на владата на Буш во американското министерство за надворешни работи, Ричард Хаас, побараа промена на стратегијата: ”Војната во Ирак веќе не може да се добие, доколку зборот победа навистина се мери според неговото вистинско значење. САД сега би морале да бараат начини за тоа како да ги ограничат загубите и трошоците.”

Комисија за Ирак, предводена од Џејмс Бејкер, поранешен министер за надворешни работи во владата на таткото на Џорџ Буш, предложи – при решавањето на ирачкиот проблем треба повеќе да биде вклучен регионот, како соседните држави Иран и Сирија и блиско-источниот конфликт:

Овој конфликт годинава доби уште повеќе острина кога на почетокот на годината Палестинците на избори гласаа за Хамас – движење кое од страна на САД и ЕУ е окарактеризирано како терористичка организација. Спротивставувањето на Хамас да го признае Израел и да се откаже од насилство беше причина за запирање на финансиската помош од страна на САД и ЕУ. Саеб Ерекат, главен палестински преговарач и човек од доверба на претседателот, Махмуд Абас, во јули изјави: ”Во Газа нема животни намирници, нема бензин, нема вода, нема струја. Газа, која има 1,3 милиони жители е пред хуманитарна катастрофа, која може да води кон појава на болести.”

Во јули, Израел, поради убивање на осуммина, и грабнување на двајца негови војници од страна на милицијата на Хезболах, почна голем напад врз Либан. Војната траеше 33 дена, донесе разурнувања и смрт на двете страни. Киднапираните војници до ден денеска се во рацете на Хезболах. Една недела по почетокот на војната, шеф-дипломатот на ЕУ, Хавиер Солана, рече: ”Бев во Либан и таму минав една ноќ. На враќањето наваму ги видов семејствата кои се евакуирани и нивното страдање. Не гледам што тоа има врска со борбата против Хезболах.”

Сепак, повеќето Израелци ја поддржуваа политиката на владата, зашто сметаа дека сега ќе запрат ракетните напади врз Северен Израел кои беа преземани од либанска почва и кои траеја со месеци. Но, и покрај масивното бомбардирање, а подоцна и влезот на израелска пешадија во Либан, трупите на шеикот Насрала не беа победени. Тој и неговиот Хезболах се чувствуваа како победници.

Во годината 2006-та незадоволителен беше и развојот на ситуацијата во Авганистан. ”По четири години министерствата сеуште не можат да си ги остваруваат обврските”, се жали овој Авганистанец по изборите одржани на почетокот на годината. Владата на претседателот Хамид Карзаи е слаба како и порано, економијата тапка во место, корупцијата постојано се зголемува, безбедносната состојба видливо се влошува. Бројот на напади и врз странските трупи оди рапидно нагоре. И, речиси секојдневно, доаѓаат инофрмации за крвави битки на југот на земјата меѓу повторно зајакнатите Талибанци и безбедносните сили.

За авганистанскиот министер за одбрана, Абдур Рахим Вардак, е јасно дека неговата земја пет години по почетокот на американската војна против Талибанците, е на најкритичната точка. Тој, есента, јасно предупреди дека е можен неуспех на мировниот процес во Авганистан: ”Во моментов иднината и егзистенцијата на нашата земја е во опасност. Најважната задача сега, пред се говорејќи за луксузот демократија, е да се спаси земјата. Без безбедност нема демократија.”

Вниманието на светот во годината зад нас особено го привлече и соседот на Авганистан – Иран. Иранскиот претседател, Махмуд Ахмадинеџад во април објави дека иранските научници првпат успешно облагородиле ураним :”Официјално соопштувам дека нашата сакана татковина Иран им се приклучи на нуклеарните држави.”

Меѓународната заедница беше алармирана. Пред се САД стравуваат дека целта на Иран, и покрај сите негови тврдења дека е заинтересиран за користење на нуклеарната енергија во цивилни цели, ќе направи атомска бомба. Досегашните преговори, како на ниво на ОН, така и со ЕУ, не донесоа успех. Одбивањето на Кина и Русија, но и на ЕУ, за воведување санкции против Иран се зајакна откако на почетокот на октомври од Далечниот исток дојдоа вознемирувачки вести.Државното радио објави дека Северна Кореја успешно извршила нуклеарна проба. Северна Кореја тестот го образложи пред се со тоа дека САД воведоа санкции против земјата пред една година.

Наспроти тоа, пак, Американците склучија нуклеарен договор со Индија на почетокот на март. Американскиот претседател, Џорџ Буш, договорот го бранеше со тоа дека е неопходен и полезен за двете земји: ”Цивилна нуклеарна индустрија во Индија е од наш економски интерес за да се намали побарувачката на енергија во светот. Големата побарувачка на нафта ги зголемува цените на бензинот. Значи, ако помогнеме побарувачката да се намали, со тоа ќе му помогнеме на американскиот потрошувач.”

Економски и финансиски стабилна во изминатата година се покажа некогашната супер сила, Русија. Притоа, централна ролја во тоа играше енергетското богатство на земјата и цените на нафтата и гасот на светските пазари, кои во првата половина од годината се вивнаа во неверојатни височини. На самитот на групата осум, во јули, рускиот претседател Владимир Путин, во Санкт Петерсбург рече: ”Растечкиот економски потенцијал и овозможува на Русија да игра и поголема политичка улога во глобалниот развој.”

Оваа ”поголема политичка улога” соседите на Русија може да ја почувствуваат врз сопствена кожа – на денот на Нова година рускиот концерн за гас, Гаспром, и ја сопре испораката на гас на Украина, откако Киев се спротивстави да прифати драстично зголемување на цените. Нафта како оружје Русија употреби и во спорот со Грузија. Прозападниот став на кавкаската република и е трн во око на Москва со години. Една шпионска афера во септември, за Русија беше повод да воведе драстични санкции против Грузија.

Повод за загриженост беше и внатрешно-политичкиот курс на Русија. Професорот Андреј Загорски од Московскиот универзитет за меѓународни односи оценува: ”Парламентот е практично играчка во рацете на Кремљ. Медиумите, електронските медиуми говорат со ист глас.”

Дефицити во демократијата во изминатата година се регистрирани и во Кина. Познатиот критичар на режимот, Лиу Џиаобо:”Обичните борци за човекови права се со години систематски прогонувани од страна на владата. Властите употребуваат инструменти како полиција или војска. Или, едноставно ја вклучуваат мафијата. Тоа често се случува зашто во системот има грешки. Централната влада во вакви случаи го затвора едното око , или дури во некои случаи и ги одобрува акциите против борците за човекови права.”

Кина во 2006-та изненади со економскиот пораст, кој во првата половина изнесуваше 11%. Особено е впечатлив ангажманот на Кина во Африка. Таму најбројната земја на светот обезбедува извори на суровини за економскиот бум дома и пазари за своите производи. Не е чудо што во ноември, најголемиот самит за Африка на сите времиња се одржа токму во Пекинг. Западните набљудувачи критикуваат дека Кина во својот ангажман во Африка не поставува којзнае колку прашања за почитување на човековите права или за заштита на животната средина. Експертот за Африка, Том Каргил, вели дека Судан, земјата каде Кина многу инвестира во нафтената индустрија, е тажен пример за тоа: ”Очигледно е дека состојбата со човековите права во Судан е значително влошена откако западните инвестиции се заменети со кинески пари.”

Како сила со право на вето, Кина во Советот за безбедност постојано спречува поостар пристап кон кризата во Дарфур.

Во Латинска Америка во 2006 година немаше војни, но затоа белег на живеењето му даде растечката сиромаштија. Се повеќе земји од континентот и вртат грб на политиката на економски либерализам и не сакаат веќе блискост со САД.

Земја која инаку многу ретко го привлекува вниманието на светот, на крајот на 2006 година се најде во насловите – Бангладеш, родната земја на Мухамед Јунус. 66 годишниот научник кој се занимава со економија, заедно со неговата Грамин банка, е добитник на Нобеловата награда за мир. Јунус почнал да дава микрокредити за најсиромашните уште пред три децении. Сакал да им помогне повторно да застанат на нозе. Еве една од неговите први реакции на веста дека е добитник на Нобеловата награда: ”Апсолутно сум благодарен. Ова е фантастична вест, не само за мене, туку и за милионите луѓе во светот кои веруваат во микро кредитите. Толку сум радосен! Ова на целото движење ќе му даде огромна енергија и веќе сега можеме да си претставиме како би изгледал свет во кој нема да има сиромаштија. Тоа можам да ви го гарантирам. Ова сега е само почеток.”