Топ десет највисоки градби во светот
Не гледај надолу! 125 години откако францускиот инженер Гистав Ајфел ја дизајнираше истоимената кула, туристите и натаму итаат кон Париз за да се искачат на неа. Овде погледнете ги 10-те најимпозантни градби во светот.
Инженерско чудо
Кога Гистав Ајфел ја изгради за Светскиот саем во 1889 година, кулата со решетки од железо беше чудо на инженерската технологија. Со своите 324 метри таа ја имаше титулата највисока градба на светот до 1930 година. Денес оваа кула е синоним за Париз и ја посетуваат повеќе туристи од кој било друг објект во светот за кој мора да се плати влезница.
Највисока градба: Бурж Калифа
Во моментов титулата највисока градба на светот и’ припаѓа на Бурж Калифа во Обединетите Арапски Емирати. Овој облакодер е отворен во јануари 2010 година и со своите 829 метри едноставно влева стравопочит. Во него се наоѓаат апартмани за живеење, хотели и бројни деловни простории.
Највисока саат-кула: Абрај ал-Баит
Третата по големина градба во светот и највисока саат-кула во светот е Абрај ал-Баит во Мека, Саудиска Арабија. Гледајќи кон Масјид ал-Харам, најголемата џамија во светот и најсветото исламско место, 601 метар високата зграда беше завршена во 2012 година и содржи молитвена просторија, хотел и шопинг-центар на 20 катови.
Највисока статуа: Пролетниот храм на Буда
Но, на туристите не им се привлечни само зградите. Пролетниот храм на Буда во Лушан, Кина, е највисоката статуа во светот. Со висина од 153 метри, вклучувајќи го и пиедесталот, оваа статуа од бакар е завршена во 2008 година. Планот за градбата на оваа статуа беше обелоденет непосредно откако талибанците во Авганистан ги урнаа спомениците на Буда во Бамијан.
Татковината-мајка повикува!
Во времето на градбата, во 1967 година, „Татковината-мајка повикува“ во Волгоград, Русија, беше прогласена за највисок споменик на светот. Таа има 87 метри - измерени од врвот на мечот до пиедесталот, и е направена од преднапрегнат бетон. А, двестоте скалила, кои треба да ги искачите до статуата, ги симболизираат 200-те дена од Битката за Сталинград.
Највисоката статуа во Африка
И Африка има статуа која е на листата на највисоки статуи во светот. Споменикот на Африканската ренесанса надвор од Дакар, Сенегал, е висок 49 метри и е направен од бронза. Тој е конструиран од компанија во Северна Кореја и беше завршен во 2010 година за одбележувањето на денот на независноста на Сенегал, која беше стекната во 1959 година.
Госпоѓата Слобода
Со своите 46 метри Статуата на слободата во Њујорк не е највисоката статуа во светот, но веројатно е една од најфотографираните. Секоја година околу четири милиони луѓе ја посетуваат иконата на слободата или „Госпоѓата Слобода“. Од нејзината изградба во 1886 година, таа ги поздравува доселениците и туристите на главното пристаниште за влез во САД.
Порта кон Дивиот Запад
Арката на Св. Луис во Мисури е уште една популарна туристичка дестинација во Соединетите Американски Држави. Со височина од 192 метри таа се надвиснува преку реката Мисисипи и претставува порта кон американскиот Див Запад. Арката е завршена во 1965 година и се смета за технолошко чудо. Таа и натаму е еден од највисоките споменици во светот од нерѓосувачки челик и бетон.
Највисоката црковна кула
Пред да биде воведен челикот и бетонот во градежништвото, највисоките градби во светот се правени со тули и камења. А, највисоките градби од тоа време се црквите, кои се мешавина од архитектура и уметност. Катедралата во Улм, на југот на Германија, чија градба почнала во 1377 година, и натаму ја има највисоката црковна кула во светот со своите 161,5 метри.
Древниот објект на листата
Кеопсовата пирамида во Гиза, во Египет, е најстарата градба на меѓународната листа на највисоките градби во светот. Таа е изградена околу 2560-та година пред нашата ера од масивни камени блокови и претставува гробница на четвртата египетска династија на фараонот Кеопс. Повеќе од 3.800 години таа беше најголемата градба во светот.