1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Топол културен бран“

Свето Тоевски4 август 2008

Министерството за култура ја спроведе првата етапа од манифестацијата симболично наречена „Топол културен бран“. Реакциите се позитивни, предлог од експертската јавност е манифестацијата да трае преку цела година.

https://p.dw.com/p/Eq36
Децентрализација на културатаФотографија: Petar Stojanovski

Културата не е привилегија на малкумина, туку е општо добро и треба да биде достапна за сите, да се развива и да се перезентира во сите региони на Македонија. Следејќи ги овие насоки на Националната програма за култура, ресорното министерство минатиот месец ја спроведе првата етапа од манифестацијата симболично наречена „Топол културен бран“.

Актерите од театрите од земјата и другите протагонисти позитивно ги оценуваат овие

активности за децентрализација на културата.

Од експертската јавност доаѓа предлогот манифестацијата да се одржува во текот на целата година, како можност не само за културно едуцирање на населнието туку и за развивање на културниот идентитет на Македонија.

Бесплатни претстави

Актерите од Битолскиот народен театар ја изведоа претставата „Обѕирни се во гневот„ на крајот од првата етапа од годинашнава манифестација „Топол културен бран“. Организиран од Министерството за култура од 16 – ти јули до 31 – ви тој заплисна со 31 културен настан 27 градови во Македонија. Во нив публиката следеше бесплатно претстави на Македонскиот народен театар, Операта и Балетот, на Албанскиот, Штипскиот и Велешкиот театар, концерти на „Танец“, настапи на културно – уметнички друштва, ликовни излжби, поп и рок – концерти.

Во полза на националната култура

Антоанела Петковска, професор по социологија на културата на Социолошкиот факултет на Скопскиот државен универзитет коментира за Дојче Веле: - „Секој тип на дисперзија на вакви активности, особено од областа на културата, може да биде само од полза за националната култура. Тоа е добар начин да се истакне културното богатство на Македонија, да се развива нејзиниот културен идентитет. Таа акција треба да остане како пракса, која би се случувала циклично и би се реализирала во текот на целата година “.

Илина Чоревска, актерка од Битолскиот народен театар, истакнува: - „Во секој случај, јас би го поздравила потегот на едуцирање, или културно воздигнување на помалите места. Не би требало да се запре тука и мислам дека не е во ред таа централизација, која се случува“.

Не постои „градска и селска“ публика

Битолскиот актер Огнен Дранговски, истакнувајќи категорично дека во Македонија не постојат културни провинции, прави интересна паралела меѓу прилепската и скопската публика: - „Прилеп се смета како таква провинција, но, таму има една за нас пресимпатична публика. Доаѓаат да ја гледаат претставата од нула, што значи дека се отворени за се она што ние ќе им го подготвиме и ќе им го дадеме. Во одредени места, да кажеме, во Скопје, публиката доаѓа со некаква подготовка за она што го гледа и имаат одредена дистанца и студенило во однос на тоа што го гледаат, додека во Прилеп го немаат. Сепак, тоа е позитивно“.

Prilep, Mazedonien
Паралели: прилепската публика е симпатичнаФотографија: Petar Stojanovski

Лефко Богдановски, режисер во Драмското аматерско студио на Центарот за култура во Тетово, дополнува: - „Ние настапивме во Ростуше со комедијата „Братство Султан Сулејман“. Наидовме на гостопримливост и на преполна сала

.Таквите манифестации и театарски претстави се многу ретки таму“.

Ѓокица Лукаревски од Драмскиот театар во Скопје, кој заедно со колешката Катерина Коцевска ја изведоа комедијата „Како да ја убиеш сопругата и зошто“, истакнува: - „Публиката не можеме да да делиме на градска, или селска, туку, едноставно, треба да ја провоцираме нејзината перцепција, затоа што, во секој случај, публиката е желна за нешто што значи несекојдневна појава во местата, каде што нема театар“.

Дел од тетовската публика по претставите на битолските и скопските актери ни изјави: „Сметам дека е добар потег, особено затоа што ваквиот ’Бран’ оди таму каде што има помалку можности да се видат ваквите работи“, „Повеќе треба да биде, затоа што се многу интересни“.

Втората етапа од манифестацијата „Топол културен бран“ ќе се реализира од 20 – август до 1 – ви септември годинава.