Топи: Евроатлантската интеграција е допирлива реалност
14 април 2010Иванов посочи дека Македонија и Албанија ги поврзуваат многу работи, меѓу кои заедничката историја, географија, како и заедничките предизвици во делот на општествените реформи и трансформации.
„Значаен сегмент во нашите односи треба да биде економската соработка за која ценам дека воопшто не кореспондира со нивото во политичките односи, со можностите на двете економии и со фактот дека сме соседи“, истакна Иванов.
Тој изрази очекување дека во наредниот период ќе продолжи заемната поддршка на планот на ЕУ и НАТО-интеграциите бидејќи, како што додаде, интеграцијата на сите земји од регионот ќе ја зацврсти неговата стабилност.
Говорејќи за придобивките од визната либерализација кои македонските граѓани веќе ги чувствуваат, Иванов изрази надеж дека наскоро ќе бидат достапни и за граѓаните на Албанија со што ќе овозможи нејзин побрз напредок како демократска, слободна и отворена држава.
Албанскиот претседател го поздрави спроведувањето на Охридскиот договор
Албанскиот претседател Топи истакна дека сите треба да го уживаат правото на слободно движење и оти албанските граѓани наскоро ќе добијат безвизен режим.
Тој го поздрави спроведувањето на Охридскиот рамковен договор кој придонесува за стабилниот развој на демократските односи и за еднаквост на сите граѓани во Македонија. Топи ги повика сите политички фактори да се придржуваат кон спроведувањето на Договорот верификуван од меѓународната заедница.
„Ја цениме улогата на албанскиот фактор во Македонија кој преку учеството на албанските политички партии во политичкиот живот сакаат да има стабилност и развој на демократските стандарди“, рече Топи.
На прашање што прави Албанија во однос на правата на Македонците таму, Топи одговори дека спроведување на правата на малцинствата во Албанија е под постојан мониторинг на Советот на Европа.
„Кога ќе се даде максимална оценка од СЕ за третирањето на малцинствата во Албанија, тоа е инзвонреден показател во однос на тоа“, додаде албанскиот претседател.
Топи му се заблагодари на Иванов за признавањето на Косово од страна на Македонија. Тој најави дека во јуни во Призрен ќе биде одржана трилатерална средба иницирана од косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, слична на онаа во Валона на која учествуваа претседателите на Косово, Македонија и Албанија.
Двајцата преседатели на средбата разговарале за повеќе прашања од економската област, за изградбата на Коридорот 8, железницата и заштитата на еко-зоната Охрид - Преспа.
Топи ќе биде прогласен за почесен граѓанин
Албанскиот претседател по средбата со Иванов, се сретна и со претседателот на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски и со македонскиот премиер Никола Груевски, а се обрати и пред пратениците во македонското Собрание.
Шефовите на двете држави, Иванов и Топи, ќе имаат поздравни обраќања и на македонско-албанскиот бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје, со цел да се интензивираат економските односи меѓу Македонија и Албанија.
Во агендата на албанскиот претседател се и средби со лидерите на ДУИ, ДПА и на НД, Али Ахмети, Мендух Тачи и Имер Селмани, како и со претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Делегацијата, предводена од претседателот Топи, ќе ги посети и општините Тетово и Дебар, каде се очекува да биде прогласен за почесен граѓанин.
Автор: ЕМФ/ЖА/миа/макфакс
Редактор: Жана Ацеска