1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топење на мразот меѓу Москва и Цариград

5 јули 2009

По 420 години-прва посета на поглавар на Руската православна црква на Цариградската патријаршија и најава за нов почеток во односите, долги години наназад влошени поради кавгите околу приматот во православниот свет.

https://p.dw.com/p/IhOA
Вселенскиот патријарх ВартоломејФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

По долгогодишна студена војна што ја водеа околу приматот врз православната екумена, серускиот и московски патријарх Кирил и Вселенскиот патријарх Вартоломеј изразија во Истамбул подготвеност за надминување на старите недоразбирања и нов почеток во односите меѓу двете водечки православни цркви во светот.

Вакви пораки, двата патријарха упатија на почетокот на тридневната посета на поглаварот на Руската православна црква на Турција, при неговата посета на Цариградската патријаршија, која во старт е наречена историска, бидејќи претставува прва посета на еден руски патријарх на Истамбул по 420 години.

Московскиот патријарх Кирил, за својата прва надворешна посета по изборот за поглавар на Руската православна црква, го избра Истамбул и Цариградската патријаршија, што може да се протолкува како своевидно признавање на Севселенската патријаршија како прва меѓу еднаквите цркви.

Russlands neuer Patriarch
Рускиот патријарх КирилФотографија: AP

Порака на братство и заедништво

По доаѓањето во Истамбул, московскиот патријарх одржа молитва на благодарност во патријаршиската црква Свети Ѓорѓи, а двајцата поглавари на водечките православни цркви во светот, пред средбата што ја одржаа зад затворени врати, дадоа изјави во кои се наѕираат и контурите на содржината на темите на посетата на високиот гостин од Москва на Цариград.

Оддавајќи и‘ признание на Руската православна црква што успеала да се одржи во тешките времиња на атеизмот, цариградскиот патријарх Вартоломеј изјави: “Доживуваме голема радост и длабоки чувства од Вашата посета на нашата патријаршија и главната црква. Тоа што се наоѓате меѓу нас има значење на порака за братство и заедништво со светата Руска црква. Ве уверуваме дека сме покрај вас и со голема љубов и братски чувства ви подаваме раце“.

Изразувајќи надеж дека неговата посета претставува обновување на односите и нов почеток меѓу двете цркви, московскиот патријарх Кирил нагласи: “Сите ние сме еден дел од обединетата православна црква“.

Актуелни прашања на православието

Иако средбата на двата патријарха беше одржана зад затворени врати, се дознава дека на неа било разговарано за актуелните прашања во православниот свет, но и билатералните проблеми меѓу двете патријаршии, како што е прашањето на статусот на Естонската црква што, противно на волјата на Руската православна црква, своевремено била формирана од страна на Цариградската патријаршија, како и за спорниот статус на Украинската православна црква, за чие патронство претендира Московската патријаршија.

На средбата на поглаварите на двете патријаршии, Вартоломеј изразил надеж дека московскиот патријарх Кирил ќе се приклучи во активностите за организирање на Севселенскиот собир на православните цркви, чие собирање е договорено во Истамбул во минатата година и за кој е закажана подготвителна конференција во Женева.

Hagia Sophia Museum, Türkei
Света СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Московскиот патријарх Кирил, кој синоќа ги посети Аја Софија и џамијата на Султан Ахмет, денес во патријаршиската црква Свети Ѓорѓи држи заедничка богослужба со домаќинот Вартоломеј, а навечер ќе присуствува на свечениот концерт во црквата Света Ирена што ќе го изведат хоровите од Хатај и Сретенскиот манастир. Во понеделник претпладне, по учеството во осветување на една новоизградена црква во истанбулскиот кварт Сариер, московскиот патријарх ќе замине за Анкара, каде што е предвидено да се сретне со претседателот на турскиот Диајанет др Али Бардакоглу и да биде примен од страна на турскиот претседател Абдула Ѓул и премиерот Реџеп Таип Ердоан.

Автор: Исмет Кочан

Редактор: Жана Ацеска