Томас Лубанга прогласен за виновен во Хаг
14 март 2012Судот во Хаг пресуди дека обвинителството докажало дека Томас Лубанга во Демократска Република Конго, во периодот од 2002. до 2003. година, регрутирал стотици деца како војници и ги пуштал во борби. Поради тоа судиите во Ден Хаг го прогласија за виновен за извршени воени злосторства. Ова е прва пресуда на Меѓународниот кривичен суд откако почна со работа пред 10 години. Колкава казна ќе добие Лубанга ќе биде утврдено дополнително.
Лубанга беше уапсен од конгоанските безбедносни сили во 2006. година и оттогаш се наоѓа под јурисдикција на Судот во Хаг. Обвинителството тврдеше дека во периодот меѓу 2002 и 2003. година Лубанга регрутирал илјадници малолетни деца од областа Итури во источно Конго. Момчиња и девојчиња на возраст меѓу 7 и 15 години биле убивани, користени како војници или како секс-слуги.
Во меѓуплеменскиот судир во Конго кој се разгоре кон крајот на 90-те години на минатиот век, загинаа повеќе од 60 илјади луѓе. Подоцна конфликтот се пресели и во соседните Руанда и Уганда. Лубанга и неговата бунтовничка група се сметаат за одговорни за масакри врз цивилното население.
Лубанга е еден од 20-те осомничени за кои Судот досега издаде налог за апсење. Меѓу останатите се и актуелниот судански претседател Омар Ал Башир, како и синот на екслибискиот диктатор, Саиф Ал Ислам Гадафи.
Автор:СН/ЖА/афп/дпа/ртр
Редактор: Ж. Ацеска