1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тиранот му објави војна на народот

20 декември 2010

По спорната победа на изборите на Александар Лукашенко во Белорусија дојде до ескалација на состојбата. Полицијата употреби сила против демонстрантите. Седум претседателски кандидати од опозицијата се во затвор.

https://p.dw.com/p/QgV1
Александар Лукашенко е на власт во Белорусија од 1994 годинаФотографија: AP

„Да живее Белорусија“, постојано извикуваат насобраните демонстранти, кои бараат слобода.

Веднаш по затворањето на избирачките места неколку илјади демонстранти се собраа на Октомврискиот плоштад. Во меѓувреме, според официјалните резултати од гласањето стана јасно дека Александар Лукашенко повторно победи на изборите.

Претседателот самиот се прогласува за победник

Weißrussland Flagge der Opposition in Minsk
Опозицијата во Белорусија повика на протести против претседателотФотографија: AP

Демонстрантите се сомневаат во таквиот исход на изборите. Една од нив, Светлана, изреволтирано вели:

„Немаме избор, претседателот самиот се прогласува. Многумина не се сложуваат со тоа. Меѓу насобраните демонстранти не се плашам, единствено од безбедносните сили.“

Сега е јасно дека нивните сомневања не беа попусти. Неколку од другите девет претседателски кандидати повикаа на протести, меѓу нив и Егор Катусов:

„За изборите може да се констатира истото како за сите претходни од 2006 година. За жал воопшто нема избор. Се чини дека не ни е потребен избор, туку поинакво решение за проблемот. Денес правиме обид да најдеме решение.“

Претседателскиот кандидат Владимир Неклајев, кој исто така повика на протести, кога го напуштал неговиот избирачки штаб со неговите соработници и приврзаници бил нападнат од безбедносните сили и се здобил со тешки телесни повреди, по што заврши во болница.

Нема слободни и фер избори

Иако протестите на Октомврискиот плоштад беа ненајавени, безбедносните сили не презедоа мерки. Протестите протекоа мирно. Подоцна повеќе од 20.000 демонстранти преминаа на Плоштадот на независноста. Таму се наоѓа седиштето на владата и централната изборна комисија. Насобраните луѓе повторно скандираа „Да живее Белорусија“, побараа оставка на раководството на изборната комисија и прием на разговори во владата.

Wahlen in Weißrussland 2010 Dossierbild 3/3
Според официјалните резултати, Лукашенко освоил речиси 80 отсто од гласовите

На обидот на неколку демонстранти да влезат во зградата, реагираа неколку стотици војници од Министерството за внатрешни работи. Тие удираа по демонстрантите со пендреци и ги газеа со тешките војнички чизми. Исто така против демонстрантите примениле непознат гас и електрични шокови. Притоа се уапсени повеќе стотици демонстранти, како и кандидати од опозицијата. Кандидатот Владимир Неклајев бил одведен од болничкиот кревет.

„Тиранот Лукашенко му објави војна на својот народ“, гласеше насловот на официјалната интернет страница на Карта 97.

Рано утринава (20.12.2010) изборната комисија објави дека пребројувањето на гласовите е завршено, и дека актуелниот претседател Лукашенко освоил речиси 80 проценти од гласовите. Неговите противници се повикуваат на независната анкета кај гласачите по изборите, според која само 31 отсто гласале за него.

Автор: Естер Хартбрих/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска