1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тим Македонија“ ги обиколува САД

Александар Чомовски10 ноември 2008

Македонска владино-стопанска делегација, наречена „Тим Македонија“ предводена од премиерот Никола Груевски престојува во еднонеделна работна посета на САД каде ќе ја презентира Македонија како дестинација за инвестиции.

https://p.dw.com/p/FqgZ
Дали премиерот Никола Груевски за време на посетата на САД ќе се сретне со медијаторот Метју Нимиц, сеуште не е познатоФотографија: MIA

Главна цел на посетата на САД на големата македонска делегација, составена од високи владини претставници и бизнисмени е да ја промовираат економската клима во земјата за привлекување на инвестиции во информатичката технологија.

Македонија-дестинација за ИТ-инвестиции?

Häuser in Silicon Valley
Силоконската долина, главна дестинација на македонската делегација во САДФотографија: AP

Во фокусот на еднонеделниот престој на македонската делегација на САД е посетата на Силиконската долина, центарот на американската и на светската ИТ-технологија, каде што ќе се одржи Бизнис форумот „Македонија - земја на ИТ експерти”, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис клима и привлекување реномирани американски инвеститори.

Меѓу главните презентери на форумот ќе биде и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер.

Дали Груевски во САД ќе се сретне со Нимиц?

Владини претставници во Македонија не потврдуваат дали премиерот Груевски за време на посетата на САД ќе има средби во американскиот Стејт Департмент или во седиштето на ОН во Њујорк со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц.

Nimitz - Crvenkovski - Gruevski
Ќе има ли средба Груевски-Нимиц во Њујорк?Фотографија: Macedonian Information Agency

На почетокот од неделава меѓутоа со Нимиц, треба да се сретне грчкиот преговарач Адамантиос Василакис. Тој на медијаторот треба да му го пренесе официјалниот став на Атина за неговите најнови предлози за решавање на спорот.

Властите во Грција очекуваат подршка од новоизбраниот американски претседател Барак Обама. Тоа не зачудува со оглед дека грчкото лоби во САД отсекогаш било поблиско до Демократската партија на која и припаѓа Барак Обама, вели Атанас Кировски, новинар и добар познавач на грчко-македонските односи.

Топката е во дворот на премиерот

Владата во Скопје во меѓувреме бара нов преговарач , кој ќе го замени амбасадорот Никола Димитров, кој беше разрешен од функцијата од страна на претседателот на државата Бранко Црвенковски.

„Сега топката е во дворот на премиерот Груевски и тој треба да издејствува решение, што во себе ќе содржи компромис, со кој ќе биде сочувано и името и идентитетот на Македонија и Македонците“, оценува Ѓунер Исмаил, политички аналитичар од организацијата Форум-центар.

Албанскиот политички фактор во Македонија сеуште толерантно го прифаќа застојот во решавањето на спорот за името, потоа блокадата на приемот на земјата во НАТО и неповолниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

Новинарот и аналитичар, Мухамед Нијази истакнува дека и покрај тоа што за албанските партии , евро-атлантските интеграции се врвен приоритет, тој не верува дека политичките лидери на Албанците ќе извршат притисок врз своите македонски колеги да го омекнат ставот во однос на спорот за името со Грција.