1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терор во Истанбул

У. Пик / З. Јордановски28 јули 2008

Билансот на експлозии на 2 бомби во Истанбул е 17 загинати, 154 ранети луѓе. Никој се’ уште не ја презема одговорноста. Курдската партија ПКК негира дека стои зад атентатите. Нападите предизвикаа остра осуда во странство

https://p.dw.com/p/ElJT
Полицијата го испитува местото на експлозиитеФотографија: AP

Во Истанбул имаше две експлозии. Почетната теза дека можеби станува збор за експлозии на гас брзо беше отфрлена - владата оцени дека станува збор за терористички напади.

Експлозиите се случија синоќа околу 22 часот во европскиот дел на градот, во пешачка зона на улица со продавници, на која имало релативно многу минувачи.

Прво експлодирала помала бомба поставена во корпа за отпадоци покрај телефонска централа, а петнаесетина минути подоцна, кога многу луѓе дошле на местото на настанот, одекнала и втората експлозија, фактички вистинската бомба. Страхувајќи од можна трета детонација, полицијата блокира поширока зона околу местото на нападите. Во меѓувреме, според турски медиуми, се уапсени тројца младинци на 16- до17-годишна возраст, но засега нема подробности за нивната можна вмешаност во нападите.


Полицијата се сомнева во ПКК, илегалната организација негира


Првите претпоставки на безбедносните сили во однос на сторителите одат во насока кон милитантната курдска организација ПКК. Има елементи кои зборуваат прилог на тоа, но нема докази. Во изминатите години, на пример, ПКК повеќепати подметна по две бомби во населени области, кои експлодираа една по друга на одредена временска разлика. Покрај тоа, ноќта спроти недела турската армија започна голема офанзива со напади од воздух против позиции на ПКК во северен Ирак. Во претходните денови армијата повеќе пати зборуваше за успешни удари против курдската терористичка организација. Забранетата ПКК, според весникот „Милиет“ отфрлила било каква своја одговорност за нападите.


Реакции во Турција и во странство


Претседателот на Турција Абдула Ѓул рече дека „со насилство, со убивање недолжни луѓе и со тероризам не можат да се постигнат никакви цели“. Премиерот Реџеп Таип Ердоан ги откажа сите денешни термини за да отпатува за Истанбул.

Во реакцијата на нападите во Истанбул германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер искажа најостра осуда и рече дека „во оваа тешка ситуација Германија е на страната на Турција и на нејзините луѓе“. Штајнмаер изрази сочувство за жртвите и им посака брзо и целосно заздравување на ранетите.

Остера осуда искажа и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер. „Овој срамен терористички напад беше целно и брутално насочен против цивили. НАТО и натаму решително ќе стои на страната на турксиот народ во борбата против тероризмот“, се вели во неговата изјава објавена во Брисел.

►◄