1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тероризмот во Египет

Петер Филип25 април 2006

Египет во последните години беше повеќепати потресуван од терористички напади

https://p.dw.com/p/Ae24
По последниот напад во Дахаб
По последниот напад во ДахабФотографија: AP

По нападите во Таба во 2004-та и Шарм ел Шеик во 2005 година, египетските власти претпоставуваа дека напаѓачите се од круговите на бедуинското население на полуостровот Синаи. Односот меѓу овие Бедуини и централата власт во Каиро со години е тензичен. Сиромашните, но горди жители на пустината се чувствуваат запоставени и како граѓани од втора класа. Ваквото чувство сигурно уште повеќе се засилило, кога по првите два напади беа уапсени и сослушувани илјадници Бедуини. Извршителите, сепак, не беа пронајдени.

Тие веројатно и не доаѓаат од оваа група население, која е под генерално сомневање, зашто борбата против системот во Египет има традиција. И, не се Бедуините тие што ја водат борбата, туку се тоа главно радикалните исламисти, и тоа со децении. Уште во 1928 година, наставникот Хасан ал Бана го основал “Муслиманското братство“ во Египет, кое го осудува растечкото влијание на западната декаденција и проповеда враќање кон исламските вредности, а против арапскиот режим почнува борба нарекувајќи го поддржувач на западот.

Египетската држава го враќа ударот. Голем број приврзаници на “Муслиманското братство“ завршуваат во егзил, во затвор или се убиени. Истовремено, веќе долго време исламистите прават напори да учествуваат во политичкиот процес во земјата, барем индиректно, зашто како организација се забранети, со тоа што ќе учествуваат на избори.

Радикалните групации меѓу нив на такво нешто не се подготвени. Пред се на тоа не се подготвени т.н. Афгани, кои уште како млади луѓе во Авганистан се бореле на страната на муџахедините, а против Советскиот сојуз, и кои притоа собрале искуство за ракување со оружје и експлозив. По протерувањето на Советите, најголемиот дел од овие арапски “меѓународни бригади“ се враќаат во нивните татковини и таму почнуваат борба за уривање на нивните режими.

Оние кои останале во Авганистан ги поддржувале ваквите подгрупи, но државата била посилна, особено во Алжир и Египет, каде борбата се водела особено жестоко. Откако во 1997 година, во Луксор, во еден напад загинаа речиси 60 туристи, беше релативно мирно. Некои исламисти беа уапсени, други ставени под присмотра, но најтврдокорните очигледно не беа допрени. Тие, како срж на исламистите, во меѓувреме сигурно имаат односи со Ал Каеда, чиј идеолошки шеф, Ајман ал Завахири е од Египет.

Идентитетот на жртвите во нападите за терористите не е важен. Важно е да биде погоден туризмот во регионот. За Египет на тој начин на коцка се става бизнис кој носи милијарди, а ако тој биде начнат, тоа би и донело штета и на владата. Но, тоа нема да ја урне оваа влада. И луѓето во Египет, поради вакви напади, тешко дека ќе и завртат грб на власта. Тие повеќе ќе и пружат поддршка во мерките против радикалните групации.