1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Тежок понтификат: 85-ти роденден на папата Франциско

17 декември 2021

Франциско е папа кој радо би ја променил својата Црква, потоната во кризи, повеќе отколку што е можно таа да се промени. Времето за тоа му истекува, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/44Saq
Vatikan | Coronavirus | Papst Franziskus, Gebet Urbi et Orbi
Фотографија: Reuters/Y. Nardi

Одамна е завлезен во години кои најголем број од досегашните папи не ги ни достигнаа. Папата Франциско на чело на Католичката црква е од март 2013 година. Денеска, 17.12.2021 година, папата полни 85 години. Но, тој и натаму кова планови за патувања, на ист начин се залага за реформи во Црквата и обнова, која ќе трае со години, ако не и децении. Сѐ е во движење.

Но, што значи тоа? Главна тема на овој папа останува расветлување на скандалот со сексуално злоставување на малолетници од страна на припадници на црковниот клер. Тоа пак оди рака под рака со губитокот на кредибилитет, и тоа токму во институција која е заснована на вера и доверба. Франциско одамна предупреди дека беспоштедно ќе се залага за расветлување на злосторствата и вети „нулта толеранција“. Но, не е реткост неговите зборови да се поголеми од делата кои следат потоа. Тоа е дел од системот во кој папата како единка е сѐ: и обвинител и судија, истовремено и контролор и урнек, претпоставен и човек од доверба. Па дури и стечаен управител.

Повремено субверзивен

Франциско всушност секогаш го осудуваше клерикализмот, патријархалната ароганција и узурпација на моќта. Неговите постапки понекогаш изгледаат како карикатура на Црквата која исчезнува. Папата, ако Црквата има среќа, е фактички пророчка фигура. Кај многу негови говори човек помислува: „Сега нешто ќе направи!“. Се чувствува неговата намера. Тоа меѓутоа не е доволно. Тоа е премалку.

alt - bitte stattdessen 43309813 verwenden
Кристоф ШтракФотографија: DW

Во сето тоа Франциско се наоѓа на чело и среде еден апарат потонат во кризи. Тие стигнуваат сѐ до оној круг кардинали од кој еден ден ќе се избира негов наследник. Веќе самиот поглед на тројцата германски од 120 кардинали зборува многу.  Минхенскиот кардинал Маркс  (68) во мај, прилично ненадејно, му понуди своја оставка на папата и оттогаш изгледа прилично исцрпено. Другиот кардинал, Велки (65) во својата Келнска надбискупија е толку спорен што католиците масовно ја напуштаат Црквата, а папата му наложи извесно време да се повлече. А третиот, кардиналот Милер (73) се загуби во теории на заговор од американски тип, во популизам, исто така и омраза кон папата.

Секако, Франциско звучи поинаку во своите искази, дури контрадикторно и понекогаш субверзивно. Тој фактички ги поттикнува католиците похрабро да се ангажираат во самата база. Но, и тој истовремено секогаш може да нѐ потсети дека Црквата не е демократија. 

Франциско како пастор на светот

Силни моменти на Франциско се во директното обраќање кон луѓето, и тоа луѓето на маргините на општеството. Тој се труди да им даде лик и достоинство: на  мигрантите,   бегалците , бездомниците, отфрлените, лицата со физички или ментален инвалидитет...Изгледа дека овој човек, кој постојано се жали на „глобализација на рамнодушноста“, кон никого не е рамнодушен. Тоа е повеќе од протест против лажните стандарди. Франциско се залага за поинаква слика на Црквата. Една од речиси иконографските слики на овој папа е неговиот апел против пандемијата на коронавирус.  Папата Франциско  вечерта во март 2020 година на празниот плоштад Свети Петар – тоа беше борба на молителот со својот Господ, тоа беше слика на Праведниот Јов во неговата мака и осаменост. Франциско како пастор на светот.

Но, ништо од сето тоа не може да го сокрие фактот дека на овој папа времето му истекува. Неговиот претходник, папата Бенедикт 16 (94) се повлече од тронот на Свети Петар кога имаше 85 години. А Франциско? Летоска неочекувано мораше да биде опериран. Дури недели подоцна кажа колку бил сериозен зафатот. И тоа Аргентинецот го раскажа во својот типично сериозно-шеговит начин. Франциско е симбол за голем, тежок и необичен понтификат во структурно болната Црква.