1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ-дуел Пенс-Харис: Е, така се дебатира!

Карла Блајкер
8 октомври 2020

На ТВ-дебатата на кандидатите за потпретседател на САД, Пенс и Харис конструктивно разменија аргументи - огромна разлика од дуелот Трамп-Бајден. Камала Харис притоа остави подобар впечаток, смета Карла Блејкер.

https://p.dw.com/p/3jc17
USA I TV-Duell zwischen den US-Vize-Kandidaten Kamala Harris und Mike Pence
Фотографија: Brian Snyder/Reuters

По ТВ-дуелот меѓу потпретседателот Мајк Пенс и кандидатката за оваа функција од Демократската партија, Камала Харис, едно е сигурно: однесувањето на двајцата политичари беше далеку попретседателско отколку она на нивните шефови пред една недела. Додека Доналд Трамп и Џо Бајден постојано се прекинуваа и се навредуваа меѓусебно, Пенс и Харис во голема мерка имаа содржинска размена на удари. Дебата кај која не сакате очајно да го исклучите тонот на телевизорот по само неколку минути - колку освежувачки!

Секако, и овојпат, во првата и единствена ТВ- дебата меѓу кандидатите за потпретседатели, не се одвиваше сѐ идеално. Двајцата кандидати на прашањата на водителката на ТВ-дуелот Сузан Пејџ гледаа повеќе како на убави предлози и можности да ги промовираат своите позиции, или да ги критикуваат оние на противникот. Директни одговори на прашањата ретко беа давани. Но, барем имаше дискусии меѓу актуелниот потпретседател на САД и сенаторката од Калифорнија кои гласачите можеа да ги следат. И кога Пенс, сепак,  е обиде да ја прекине Харис, таа го запре со цврсто, но мирно „Зборувам“, што пак го замолкна републиканецот!

Настапот на Харис би требало да ги доведе демократите на гласачките места

Севкупно, Камала Харис остави подобар впечаток во дебатата. Таа, за волја на вистината, немаше ѕвезден момент, каков што беше оној за време на ТВ- дебатата на кандидатите за претседател на Демократската партија, кога размени удари со својот сегашен шеф Џо Бајден. Но, со нејзините остри критики за корона-политиката на администрацијата на Трамп и начинот на кој таа гордо зборуваше за историјата на своето семејство - мајката на Харис емигрирала во САД од Индија - би требало да убеди многу потенцијални гласачи на Демократската партија да излезат на ноемвриските претседателски избори, а не само да останат дома.

Повеќе:

-Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

-Во иднина построги правила за ТВ-дуелите во САД

-Депримирачки хаос во првата дебата меѓу Трамп и Бајден

Недостаток на ентузијазам за Џо Бајден, уште еден стар белец како претседателски кандидат, е вистинска закана за демократите, а Харис се спротивстави на тоа со нејзиниот синоќешен настап. Многу црни жени кои немаат наклонетост кон Бајден, ја сакаат Харис. А таа не ги разочара своите обожаватели.

Autorenbild l Kommentatorenbild DW Carla Bleiker PROVISORISCH
Карла Блајкер, авторка на коментаротФотографија: privat

И Пенс тука и таму можеше да поентира, на пример кога тој упорно тврдеше дека Харис одбива да каже дали таа и Бајден планираат да додадат повеќе судии во Врховниот суд. Но, тој претежно остана блед. Харис дури освои поени во дискусијата за Врховниот суд. Таа ја раскажа приказната за Абрахам Линколн, еден од најпочитуваните претседатели во историјата на САД, кој во 1864 година имаше шанса да пополни судиска позиција во Врховниот суд, само 27 дена пред изборите -  но не го стори тоа, затоа што тоа не е добра идеја толку кратко пред изборите. Администрацијата на Трамп нема такви колебања и прави сѐ што може за да ја постави конзервативната судијка Ејми Кони Барет како нов член на  Врховниот суд што е можно побрзо.

Пенс поентираше на крајот на ТВ-дуелот

Само на последното прашање Пенс можеше да блесне со убав одговор. Една осмоодделенка од публиката праша како нормалните Американци би требало да се согласуваат меѓусебе ако политичарите во Вашингтон не можат да се справат со тоа. Пенс притоа укажа на неодамна починатата Рут Бадер Гинсбург, судијка на Врховниот суд и нејзиниот колега Антонин Скалија, кој почина во 2016 година. Двајцата беа идеолошки толку далечени, а сепак ги поврзуваше силно пријателство.

„Овде, во Америка, ние можеме да не се согласуваме, можеме ригорозно да дебатираме, како што тоа го направивме јас и сенаторката Харис вечерва“, рече Пенс. „Но, кога дебатата ќе заврши, ние се зближуваме како Американци“, рече Пенс.

За жал, во изминатите четири години, администрацијата на Трамп направи повеќе за да  предизвика раскол меѓу либералните и конзервативните Американци и да сее омраза, отколку да ги зближи луѓето.