1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ дуел на Трамп и Бајден - во костец за коронавирусот

ЖА / агенции
23 октомври 2020

Коронавирусот, расизмот и здравствената заштита беа во фокусот на синоќешниот ТВ дуел меѓу претседателлските кандидати Доналд Трамп и Џо Бајден. Трамп вети „успех“, а Бајден „чест и почитување“.

https://p.dw.com/p/3kJpb
USA I TV-Duell zwischen Donald Trump und Joe Biden
Фотографија: Morry Gash/Reuters

Без оглед на спротиставените ставови за темите како коронавирус, сомнежите за мешање на Русија во изборната кампања, Северна Кореја, здравствено осигурување, доселеничка политика или расизам и климатски промени, синоќешниот ТВ дуел меѓу Трамп и Бајден беше воглавно посодржински и попристоен. Дванаесет дена пред претседателските избори, двајцата кандидати во настапот во Нешвил, во сојузната држава Тенеси, се обидоа да им се допаднат на своите гласачи.

Поранешниот вице-претседател Џо Бајден го критикуваше актуелниот претседател Трамп за неговиот однос кон пандемијата на коронавирус: „Оној кој е одговорен за многуте мртви не треба да остане претседател на САД“. Трамп сѐуште нема никаков план за борба против пандемијата, а се заканува „мрачна зима".

Претседателот напротив ја фалеше работата на својата влада, демонстрирајќи оптимизам дека САД наскоро ќе ја надминат кризата. Тој не очекува „мрачна зима" како Бајден, туку „исчезнување" на вирусот и скор крај на проблемите. „Тоа што вирусот стигна овде не е моја вина, туку на Кина", изјави Трамп, со предупредување – Бајден би ја парализирал целата земја со катастрофални последици, доколку се случат натамошни локдауни, многу луѓе би ја загубиле работата и би пораснала стапката на самоубиства.

Бајден негираше намера земјата да ја стави во целосен карантин, туку дека има план за окончување на пандемијата. Тој впери прст во претседателот –без неговиот промашен менаџмент со пандемијата, многумина заболени Американци уште ќе беа живи.

Иднината на „Обамакер"

Жолчна вербална битка двајцата кандидати водеа и околу иднината на здравственото осигурување. Трамп го обвини својот ривал за стремеж кон „социјалистичка медицина", додека тој самиот планира укинување на „Обамакер", системот на здравствено осигурување и нега, воведен од неговиот претходник Барак Обама, и воведување „прекрасно ново здравствено осигурување". Бајден го истакна своето мислење: „секој треба да има право да биде здравствено згрижен по прифатлива цена", а тоа нема врска со социјализам.

Трамп: Мојата Корејска политика спаси милиони животи

Во врска со односот на Трамп кон севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, претседателот тврдеше дека остварил големи постигања во конфликтот со Северна Кореја, спречил војна со неа, која без неговата политика на дијалог би водела кон „смрт на милиони луѓе".

Повеќе:

Холивуд поделен: Трамп или Бајден?

Трката од која зависи светот

Трамп и Бајден: Коронавирусот доминантен во ТВ-дуелот на далечина

Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

Од претходната влада на Барак Обама и потпретседателот Бајден во поглед на Северна Кореја наследил „свињарија", рече Трамп, додека сега двете земји имаат многу добри односи. Бајден контрираше дека Трамп го „легитимирал" диктаторот Ким Јонг Ун, преку своите средби со него ѝ обезбедил време на Северна Кореја за натамошен развој на програмата за атомско оружје. Ким е „ганстер", со кого човек не смее да се среќава без поставување јасни услови, дополни Бајден.

Во тој контекст внимание предизвика и една споредба со Хитлер. Само што Трамп почна да зборува за своите добри врски со автократот Ким и шефови на влади на други земји, кога Бајден одврати: „Ние имавме добри односи со Хитлер, пред да ја нападне Европа". На овој начин Бајден го истакна своето неодобрување на попустливиот курс на Трамп во однос на авторитарните владетели, што го смета за опасност по интернационалниот мир.

Бајден го критикуваше егзистирачкиот систем на расизам

Во САД сѐуште не владее целосна еднаквост, изјави Бајден во однос на сѐуште присутниот структурен расизам во САД, кого Трамп пак дополнително го поттикнува. „Тој дотура масло во секој одделен расистички оган", изјави Бајден. Трамп наспроти тоа тврдеше дека за Афроамериканците и црните направил повеќе од било кој друг претседател пред него, со исклучок на Абрахам Линколн: „Јас сум најнерасистичката личност во просторијава". Според Трамп, случаите на полициско насилство против црните се трагични поединечни инциденти.

Слично контроверзни беа позициите на двајцата политичари и за другите теми кои ги иницираше водителката Кристен Велкер. Но, овојпат Трамп и Бајден не си упаѓаа во збор и одговараа на прашањата на новинарката. Своето меѓусебно нетрпение овојпат го искажуваа посуптилно, најчесто со иронична насмевка и вртење со глава.