1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајна служба на ГДР го шпионирала Мајкл Џексон

5 август 2009

Во времето додека „железната завеса“ го делеше светот, Мајкл Џексон се сметаше за сериозна закана за комунистичкиот режим на Источна Германија. Затоа и не изненадува што за него постои досие на тајната служба Штази.

https://p.dw.com/p/J48l
Фотографија: AP

Рок ен рол и придружната поп култура на западниот свет, за источногерманската тајна служба претставувале трн во окото и опасна закана за националната сигурност, пишува весникот „Дер Шпигел“. Берлинските концерти на Мајкл Џексон, Пинк Флојд и Брус Спрингстин будно ги набљудувало и окото на Штази. Некои тајни документи на Штази, кои конечно излегоа на виделина, откриваат дека концертот на Џексон во Берлин во 1988 година, го следеле и шпиони на Штази. Една година пред падот на Берлинскиот ѕид, тајната служба Штази беше уверена дека рок музиката на ѕвездите од Западот би можела да поттикне револуционерно расположение меѓу младите во Источна Германија. Имено, комунистичкиот режим стравувал дека младите, поттикнати од рок ритамот, би можеле да побараат рушење на Берлинскиот ѕид и комунизмот. Тајната служба била во право. „Забранетата музика“ навистина служела како магнет за оние граѓани на Источна Германија кои биле заситени од комунистичкиот режим и гладни за промени.

Источна Германија барала да се забрани концертот

Bildreportage Berliner Mauer Bernauer Straße
Концерт во близина на Берлинскиот ѕидФотографија: DW

Една година пред концертот на Мајкл Џексон, одржан 1987 година во непосредната близина на Берлинскиот ѕид, се одржал тридневен „опен ер“ фестивал на кој настапиле Дејвид Боуви, Генезис, Јуритмикс и други ѕвезди од Западот. Концертот намерно бил одржан во непосредна близина на ѕидот, но од неговата западна страна. Младите од Источна Германија се обиделе да дојдат до ѕидот и да ги слушаат своите омилени хитови, но во тоа ги спречила полицијата. Избил метеж, и биле уапсени 200 млади рокери. Една година подоцна, Мајкл Џексон и Пинк Флојд имале намера да одржат концерт на истото место. Источногерманскиот режим барал од своите западни соседи да го забранат концертот. Меѓу останатото, тврделе дека целта е да се одржи концертот преблиску до ѕидот, па така неподносливата бучава би можела дури да ги усмрти тешко болните пациенти во болницата во близина. А веќе биле продадени 30.000 влезници и музичкиот спектакл морал да се одржи.

„Во друштво на женска личност, на околу 25-годишна возраст...“

Michael Jackson in Berlin 2002
Години по падот на Берлинскиот ѕид, Џексон беше добредојден во цел БерлинФотографија: AP

Пинк Флојд свиреле на 16 јуни, а Мајкл Џексон три дена подоцна. Во документите на Штази стои како шпионите будно го набљудувале Џексон за време на неговата посета во Берлин. Така, меѓу останатото, е следена и посетата на Џексон на култниот граничен премин измеѓу Истокот и Западот, во срцето на градот. Шпионот на Штази за тоа забележал: „Во близина на граничниот премин, застанаа три автомобили, од кои излегоа неколку непознати лица. Меѓу нив беше и американската рок ѕвезда, Мајкл Џексон. Друштво му прави женска личност, на околу 25-годишна возраст, висока 165 сантиметри и со тенка половина.“

Автор: „Дер Шпигел“ / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска