1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тажна слика на светскиот ден на децата

12 јуни 2007

Коментар на Карл Завадски

https://p.dw.com/p/Aw2v
Местото им е во клупите, а не во руднициФотографија: DW

Деца работат во каменоломи во Перу, нуркаат по сунѓери на Филипините, обработуваат кожа во Египет или ткаат килими во Пакистан. Експертите на Меѓународната организација за труд ИЛО во Женева, проценуваат дека во светот, пред се во земјите во развој, работат околу 250 милиони деца. По повод светскиот ден на децата на Обединетите нации, коментар подготви Карл Завадски:

Работата на децата е до толку поскандалозна што не само што на најслабите во општествата не им се плаќа доволно, туку им се краде и детството. Работат подеднакво како и возрасните. Ги искористуваат, а живеат во услови штетни и за нивното здравје, и за телесниот и духовниот развој. Немаат никакви изгледи за подобра иднина и им се заканува прерана смрт. Меѓутоа, ваквата состојба не може да се надмине со апели. Мораат да се откријат и да се совладаат економските и општествените причини. Зашто, работата на децата е резултат на економската криза во земјите во развој, како и на конкурентските односи меѓу нив и индустриските држави. Имено, искористувањето на децата е придружна појава на сиромаштијата. Овој вид работа е забранет во скоро сите земји во светот, а сепак се користи за намалување на трошоците и задржување на конкурентските предности. Борбата против тоа не може да се добие со декларации и резолуции. Нив ги има доволно, како на пример „Декларацијата за првата на децата„ усвоена од Обединетите нации уште во 1959 година! Јасно е исто така, дека работата на децата не смее исклучиво да се посматра низ призмата на индустриските држави каде што тој проблем е надминат пред повеќе децении. Постојат земји во развој во кои 16-годишниците се третираат како одраснати, веќе се во брак и самите имаат деца!

Во многу земји на третиот свет, масовната невработеност е нормална. Осигурување при невработеност или друга поддршка од државата не постои. Во такви околности, работата на децата за многу семејства е многу важен извор на дополнителен приход, а понекогаш и единствен. Истовремено пак, работата на децата ја зголемува невработеноста на возрасните, како и нерамноправноста во приходите и стандардот. Бидејќи работата на децата е резултат на сиромаштијата, не може изолирано да се третира. Само во ситуација во која ќе постои широк економски и социјален развој, таа ќе стане непотребна. Притоа едно е јасно: инвестициите во образованието и обуката на општеството му носат добивки – и среднорочно, и долгорочно. Од тие прични децата, и од хуманитарен аспект, мораат да се најдат во училишните клупи, а не на каква и да е работа!

Карл Завадски