1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага и бес во Индија - почина силуваната студентка

ЖА/дв/дпа/ртре29 декември 2012

Девојката-жртва на силување, шест дена се бореше за својот живот, но сега ја загуби борбата. Индискиот премиер Синг изрази спчувство до блиските на 23-годишната студентка. Во Њу Делхи се одржуваат нови протести.

https://p.dw.com/p/17B22
Фотографија: dapd

Девојката од Индија, жртва на повеќекратно силување и претепување во Њу Делхи, денеска во раните утрински часови по локално време почина во болница во Сингапур, каде се лекуваше последните два дена од тешките повреди.

„И покрај сите напори на осумте специјалисти во болницата Моунт Елизабет да ја одржат нејзината состојба стабилна, таа постојано се влошуваше“, изјави директорот на болницата Келвин Кох, додавајќи дека девојката имала тешки повреди на органите, на телото и мозокот.

Девојката (23), која беше студент, беше силувана од шест мажи во автобус кој сообраќал низ Њу Делхи на 16 декември, а потоа таа и нејзиниот пријател беа претепани со метална шипка и исфрлени од автобус. Сторителите на ова дело се наоѓаат во притвор и според индиската новинска агенција ИАНС ќе бидат обвинети за убиство.

Mount Elizabeth Hospital Singapur Indien junge Frau Vergewaltigung
Болницата Моунт Елизабет во Сингапур во која индиската студентка беше пренесенаФотографија: AFP/Getty Images

Инцидентот доведе до масовни повеќедневни протести во Њу Делхи и други индиски градови со барање жените во Индија да бидат заштитени. Во протестите беа повредени стотина луѓе, а еден полицаец загина.

И денеска во повеќе индиски градови, меѓу кои и во главниот, Њу Делхи, луѓето излегуваат на демонстрации. Многумина политичари најавија мерки за да не се повторат вакви случаи.

Индискиот премиер Манмохан Синг повика разбудените емоции од овој немил случај да бидат искористени за општествена промена:

„Таа ја загуби битката за својот живот, но на нас останува обврската нејзината смрт да не биде залудна“, изјави Синг.

Protest Neu Delhi Indien Vergewaltigung Strafe Opfer junge Frau
Фотографија: Reuters

Претседателот Пранаб Мукхерје изјави дека убиената девојка е „вистински херој и на најдобар начин ја симболизира индиската младина и жените“.

Владата и полицијата ги молат луѓето да останат мирни. Протестите во владиниот кварт се забранети. Специјалци од полицијата блокираа повеќе сообраќајници, за да ги држат деминстрантите подалеку од парламентот и седиштето на владата. Владата пак вчера вети создавање датотека во која ќе бидат опфатени сите осудувани силувачи во земјата. Нивните имиња, фотографии и адреси ќе бидат јавно објавувани на интернет странциите на полицијата. Во Њу Делхи полицијата отвори посебна телефинска линија за итна помош на жените. Во мерките се предвидува и подобро осветлување на улиците и почеста контрола на автобусите.