1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО одгатна финансиски криминал

БГ
23 март 2017

Специјалното јавно обвинителство денеска обзнани четири нови истраги во кои повеќе правни и физички лица се осомничени за финансиски криминал. Медиумите не се цел на истраги.

https://p.dw.com/p/2Zo5j
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во четирите истраги на СЈО опфатени се државни и локални функционери и физички лица - сопственици на маркетинг агенции кои наводно затаиле данок во износ од повеќе стотици илјади евра или ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Во јавноста најмногу внимание предизвикаа предметите под име „Тотал“ и „Тифани“. Во двата случаи се работи за фирми чии сопственици преку лажно давање податоци одбегнувале плаќање данок. Во случајот „Тотал“, СЈО проценува дека правното лице со исто име кое се занимавало со маркетинг, затаило данок во износ од 120 илјади евра, а физичкото лице-сопственик на фирмата, вкупно околу 63 илјади евра. Во случајот „Тифани“, по слично сценарио, сопственичката на фирмата „Смарт центар“ е осомничена дека затаила данок во севкупен износ од над 50 илјади евра.

Двајцата сопственици се осомничени дека прикривањето на данокот го вршеле преку лажно пријавување на производи за лична употреба во правното лице. На тој начин, пријавувани биле душеци за спиење, луксузен мебел за домаќинство, скапи часовници и гардероба.

Обвинителката Ленче Ристеска потенцираше дека СЈО не води истрага против ниту еден медиум во државата и ги отфрли обвинувањата дека преку некои истраги се врши притисок врз слободата на медиумите. Таа не  открива што работеле фирмите опфатени во случаите „Тотал“ и „Тифани“ и дали добивале средства од државни институции. 

„Табла“ и „Триста“

Во предметот „Табла“ за злоупотреба на службената должност осомничен е директорот на основното училиште „Реџо Ружит Зајази“ од село Зајас кој, наводно, во 2006 година, без постапка за јавна набавка на фирма од Кичево ѝ овозможил противправна имотна корист од 200 илјади евра.

Во последниот случај наречен „Триста“, за злоупотреба на службената положба е осомничен помошник министер во Министерството за внатрешни работи кој, одобрувајќи јавна набавка на 300 службени возила, го оштетил државниот буџет за околу 450 илјади евра.

На почетокот на денешната прес-конференција обвинителката Катица Јанева рече дека најавените случаи се почеток на посеопфатна истрага со која ќе се покаже дека во периодот од 2008 до 2015 година, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии не само што не ги извршувале законските должности, туку дозволиле поединци и други министерства да работат спротивно на законите овозможувајќи им на физички и правни лица да се стекнат со противправна материјална корист.

„Ова е почеток на овие истраги кои ќе се прошируваат на нови лица“, рече Јанева.

За ниту еден од осомничените опфатени со денеска објавените случаи не е побаран притвор, а поголемиот дел од делата кои им се ставаат на товар се произлезени од досега необјавени прислушувани телефонски разговори.