1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ повеќе млади Срби велат: „Доста е!“

Немања Рујевиќ
10 април 2017

Со денови илјадници млади луѓе во Белград и други градови протестираат против српскиот властодржец Александар Вучиќ. Тој штотуку беше избран за претседател, но изборната трка беше сѐ освен демократска.

https://p.dw.com/p/2aybO
Serbien Proteste gegen Wahlen in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

„Го гледам Вучиќ почесто од мајка ми“, вели еден млад демонстрант. „Време е тој конечно да си оди“. Неговиот транспарент го покажува  актуелниот премиер и иден претседатател во обид да скокне од телевизорот во дневната соба на гледачите.

Десетици илјади главно студенти и млади демонстрираат со денови наназад во владиниот кварт во Белград, но и во уште 20 други градови во Србија против, како што велат, „диктатурата“, „изборната измама“ и „медиумската пропаганда“. Во главниот град на младите им се придружија и синдикатите на полицијата и армијата кои излегоа на улица за да демонстрираат против лошите услови за работи и мизерните примања.

Еднострана кампања

Во минатата недела Александар Вучиќ оствари убедлива победа во трката за влез во претседателската палата, освојувајќи 55 проценти од гласовите во првиот круг од изборите. Така сѐмоќниот шеф на Српската напредна партија ја менува премиерската за претседателската функција, иако според српскиот устав таа му носи само репрезентативни овластувања. Демонстрантите немаат сомнеж: Вучиќ ќе се погрижи за тоа да остане оној кој ги влече конците во српската политика. Веќе пет години поранешниот радикален националист владее  неприкосновено со земјата, ги држи медиумите на конец и организира „лов на вештерки“ против опозициските политичари. Кон надвор тој се претставува како реформатор, кој ја води својата земја кон ЕУ и истовремено одржува добри односи со Русија.

„Не е мој претседател“

Уште на денот на изборите имаше извештаи дека гласови биле купувани и оти бил вршен притисок врз избирачите, да зокружат на вистинско место. Малкуте независни медиуми можеа да докажат во поединечни случаи дека и умрени и натаму се наоѓаат на избирачките списоци.

„Доста е!“ велат сега демонстрантите. Протестите беа спонтано организирани преку Фејсбук и од ден во ден се сѐ помасовни. За провладините медиуми главното прашање е: Кој навистина стои зад протестите? Други прашуваат : Може ли со протестите да се постигне нешто? Зарем не е предоцна? .

Социологот Ѓокица Јовановиќ смета оти тоа што се завршени изборите, не значи дека на работите треба да се гледа процедурално: „Протестите се случуваат кога ќе дојде време да се случат. Ние на тоа не можеме да влијаеме. Втора работа, очигледно е оти целиот изборен процес беше нелегитимен. Целата кампања беше насочена кон еден кандидат, останатите беа организирано невидливи. Затоа, кога е во прашање расположението на масата, тука нема доцна и рано, нерасположението ќе исплива на површина тогаш кога ќе исплива. На политичарите тоа не им е јасно. Кога постои длабоко нерасположение, тогаш е доволна каква било искра да ги придвижи луѓето. И никој не може да го предвиди каква ќе биде таа искра“, објаснува Јовановиќ.

Без лажни илузии

Граѓанскиот активист од Националната коалиција за децентрализација, Младен Јовановиќ, кој со години ги проучува изборните процеси смета оти овие протести покажуваат дека дел од граѓаните „веќе не се подготвени да трпат лаги и измами кои традиционално во Србија доаѓаат од партијата на власт, но и од опозицијата“. „Новоизбраниот претседател, со изјавата дека неговата победа е „чиста како солза“, изиритира голем број граѓани. Според статистиките, во време на кампањата тој имаше дури 67 насто време во информативната програма во медиумите, а на ТВ Пинк дури 90 отсто. Во својата кампања наведуваше предимензионирани и во целост неточни податоци за бројот компании и нововработени луѓе во последните 3 години, а медиумите беа или незаинтересирани или исплашени да ги покажат точните податоци. Тука мислам и на фактот дека поголемиот број од луѓето во Србија на телевизија ги гледаа родителите на Александар Вучиќ, наместо да имаат можност да ги видат и запознаат другите претседателски кандидати“, прецизира Младен Јовановиќ и додава дека протестите покажуваат оти луѓето во Србија веќе немаат лажни илузии ни за партиите од опозицијата.

Serbien Proteste gegen Wahlen in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Уредникот на весникот „Данас“ Драгољуб Дража Петровиќ ни најмалку не го чуди тоа што младите излегоа на улица токму сега. „Нормално е на нормалните луѓе на првиот ден по изборите да им се стемни пред очите од „толку голема демократија“. И да речат: доста е.

На прашањето како медиумите ќе реагираат на протестите, Петровиќ одговара дека поголемиот број од медиумите кои се блиски до властите, на протестите им даваат негативен публицитет. „Протестите во најголемите медиуми ќе бидат третирани како продолжение на паранојата на Вучиќ оти некоја непозната сила работи на негово соборување од власт“, смета Дража Петровиќ.

Позитивна промена

Сите соговорници за ДВ се согласуваат дека протестната енергија на младите е многу позитивна промена во Србија. Тие, истотака, сметаат оти е важно тоа што тие имаат јасни барања кои подразбираат транспарентност за финансирање на кампањите и зголемена контрола, професионализам на Републичката изборна комисија (РИК) и ограничување на влијанието на партиите врз РИК и РЕМ. Но во што би можело да прераснат протестите- во тоа сѐ уште никој не е сигурен.

Serbien Proteste gegen Wahlen in Belgrad
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

„Протестите ќе зависат пред сѐ од тоа дали ќе биде контролирана анархија или тие ќе добијат некое непартиско водство, каде би можеле да бидат јавни личности со интегритет. И, секако, зависи која е целта на протестите. Таа, секако, мора да биде изводлива. Засега сето тоа изгледа хаотично, има многу теории на заговор, но би можело да прерасне во нешто поголемо- дури и само во доказ дека Србија не се продава за сендвич, минимална плата и забавната програма на Пинк“, заклучува новинарот Драгољуб Петровиќ.

Колку долго ќе продолжи ваквата ситуација? Набљудувачите претпоставуваат дека владата има намера да сочека, додека протестите самите не згаснат. Провокации или интервенција на полицијата за Вучиќ би биле неубава слика, токму сега кога и меѓународните медиуми внимателно ја следат ситуацијата. „Колку имаме намера да протестираме? Додека рацете не ми бидат полни со плускавци?, вели низ насмевка еден млад барабанџија. Тој ја предводи колоната, а зад него е неговото семејство и пријателите. Откажување? Не доаѓа предвид, вели тој и продолжува да удира со палките во неговиот барабан.