Судири во Египет по прогласувањето на резултатите
29 мај 2012Во вториот круг на претседателските избори во Египет, кои ќе се одржат на 16 и 17 јуни, ќе учествуваат кандидатот на исламистичкото Муслиманско братство Мохамед Морси и последниот премиер од времето на режимот на Хосни Мубарак, Ахмед Шафик. Двајцата кандидати по првиот круг гласање добиле по нешто повеќе од 5,5 милиони гласови од 50 милионското гласачко тело. Излезноста на изборите била околу 46 проценти.
По објавувањето на резултатите, во повеќе египетски градови доцна синоќа избувнаа протести, а запален бил и изборниот штаб на Шафик во Каиро. Засега нема информации за жртви или повредени.
Протестите ги предводеле поддржувачи на либералниот кандидат кој не успеа да влезе во вториот круг, како и поранешни револуционери кои беа на чело на демонстрациите против режимот на Мубарак.
Тие велат дека не сакаат да бираат меѓу авторитарна и теократска држава.