1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Грујевски и Бошковски одлучува Апелацискиот суд во Солун

БГ
20 октомври 2017

Двајцата македонски државјани, обвинети за повеќе кривични дела, кои повеќе од три месеци беа во бегство, ги негираат сите обвинувања и велат дека стравуваат за својот живот. Денеска ќе одговараат за лажни патни исправи.

https://p.dw.com/p/2mEEZ
Griechenland zwei Ex-Geheimdienstagenten aus Mazedonien vor Gericht in Thessaloniki
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Апелацискиот суд во Солун „во блиска иднина“ ќе одлучува за екстрадицијата на двајцата припадници на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање кои во средата беа уапсени на аеродромот во Солун. Според наводи во повеќе грчки медиуми, тие вчера биле испрашани од обвинител и притоа ги отфрлиле сите обвинувања против нив, тврдејќи дека доколку бидат вратени во Македонија, нивните животи ќе бидат во опасност.

Горан Грујевски (51), поранешен началник на Петтата управа на УБК и Никола Бошковски (35)- вработен во УБК, во Македонија се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и таргет“. Тие се гонат за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Двајцата беа недостапни за органите на прогонот од моментот кога Апелацискиот суд во Скопје на 26 јули годинава издаде налог за нивно апсење.

Дополнително, двајцата беа уапсени од грчката полиција поради користење на лажни бугарски документи и под лажни идентитети како Христо Атансов и Неџби Хасан, па и за тоа дело денеска ќе бидат изведени пред Судот во Солун. Откако биле приведени поради лажните документи било утврдено дека двајцата се гонат по потерница од Интерпол. Грчките власти се уште не ја потврдуваат веста дека Грујевски и Бошковски планирале да отпатуваат во Будимпешта, но соопштија дека сакале да заминат во „друга земја на ЕУ“.

Постапката од македонска страна сега е во рацете на Министерството за правда кое во следните 40 дена треба да ја обезбеди потребната документација за екстрадиција на двајцата обвинети бегалци.

Македонија и Грција немаат билатерален договор за екстрадиција, но соработуваат врз основа на старите договори потпишани во времето на СФРЈ, како и врз основа на Хашката конвенција. Дотогаш, Грујевски и Бошковски ќе бидат сместени во екстрадиционен притвор.