1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080811 Russland Georgien

10 август 2011

Пред три години Русија и Грузија ја водеа т.н. августовска војна. Иако таа траеше само пет денови, последиците се чувствуваат до денес, а решение на конфликтот меѓу двете земји не е на повидок.

https://p.dw.com/p/12DXV
Русија со моќна воена сила за пет дена победи во августовската војна во 2008 со ГрузијаФотографија: AP

Русија и Грузија до денес ги немаат обновено дипломатските односи. Директните авионски врски се исклучок, има трговски блокади, шпионски афери и вербални напади на највисоко политичко ниво.

Рускиот претседател Дмитри Медведев до денес одбива да го прими грузискиот претседател Михаел Сакашвили. Причините за тоа тој ги образложи во интервју за две руски и една грузиска телевизија:

„По негова наредба беа убиени стотици сонародници, меѓу нив и наши мировници. Тоа никогаш нема да му го простам. За мене тој не е човек со кого можам да се ракувам. Порано или подоцна Михаел Сакашвили повеќе нема да биде претседател на Грузија - такви се политичките правила. Кој и да биде новиот претседател, нему ќе му биде дадена можност повторно да воспостави нормални и продуктивни односи со Русија“.

Karte Kaukasus Georgien mit den Teilrepubliken Abchasien und Südossetien deutsch Zusätzlich mit den Städten: Poti und Gori
Карта на конфликтот во ГрузијаФотографија: DW

Путин долеа масло на огнот

Толку едноставно меѓутоа нема да биде. Многу Грузијци, исто како и Сакашвили, се убедени дека Русија го повредила меѓународното право и ја окупирала грузиската територија.

Претседателот Медведев по петдневната војна во август 2008 година ја призна независноста на сепаратистичките региони во Грузија, Јужна Осетија и Абхазија. Во двете републики, кои меѓународно не се признаени, оттогаш наваму е стационирана руската војска. Кремљ се грижи и за тоа овие територии финансиски да преживеат.

Со оглед дека границите меѓу немирните региони и Русија стануваат се’ попропустливи, во Грузија расте стравот дека Русија може полека, но сигурно да ги припои Јужна Осетија и Абхазија. Тие стравувања во Тбилиси дополнително се засилија откако минатата недела рускиот премиер Владимир Путин во говор во близина на Москва не исклучи такво нешто. Медведев, пак, веднаш ја отфрли таквата можност:

Russland Georgien Treffen zwischen Michail Saakaschwili Michail Saakaschwili und Dmitri Medwedew
Претседателите на Грузија и Русија , Михаел Сакашвили и Дмитри Медведев последен пат се сретнаа во јуни 2008 годинаФотографија: AP

„Во сегашната ситуација, според мое мислење, за тоа нема никакви правни и фактички предуслови. Јас не без причина ги признав Јужна Осетија и Абхазија како нови субјекти на меѓународната сцена“ .

Медведев: Се’ е последица на идиотската авантура на Сакашвили

Според Медведев, Грузија мора да ја прифати новата реалност. Нејзиниот сопствен претседател ја подели земјата со „идиотската авантура“, истакна рускиот претседател.

„Јас би се радувал ако раководствата во Грузија и во Абхазија и Јужна Осетија би седнале на преговарачка маса и би размислиле за тоа како да се живее натаму, како да се оддржи мирот и правото во регионот. Но, тоа е работа на овие блиски народи. Ако дојде до тоа јас би бил среќен. Русија нема никому да му стои на патот“, порача Медведев.

Во оваа изјава меѓутоа во Грузија веруваат малкумина, со оглед на новите гранични премини во Јужна Осетија и се’ подобрите сообраќајни врски меѓу Абхазија и Русија.

Сепаратистичките региони се приближуваат кон Русија. Три години по војната, можното решение на конфликтот, а со тоа и на прашањата на бегалците и на загубениот имот, изгледа се’ поддалечно.

Автор: Кристина Нагел/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски