1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300911 Chile Studentenproteste

3 октомври 2011

Во Чиле не престануваат демонстрациите на илјадници студенти поради образовниот систем. Веќе четири месеци се затворени речиси сите универзитети и многу училишта. Се очекува протестот да се шири.

https://p.dw.com/p/12jjZ
Камила Ваљехо по средба со владатаФотографија: AP

Да се стави крај на образовниот систем од времето на Пиноче, скандираат студентите на улиците на Сантјаго во Чиле. По 36-ти пат од април, деновиве маршираа студенти, ученици и професори. Нивна цел-реформа на образовниот систем, кој во Чиле непроменет функционира 30 години, од времето на диктатурата на Аугусто Пиноче.

Иконата на протестното движење, студентката Камила Ваљехо, ги набројува барањата: „Повторно ги окупиравме улиците не за да ги уништиме, туку за да ги искористиме за изградба на нешто ново. Државата треба да поведе повеќе грижа за образованието, ни треба демократско, бесплатно и квалитетно образование“.

Владата на Пињера под притисок

Камила Ваљехо е ѕвезда на чилеанското студентско движење. 23-годишната студентка по географија до пред половина година никој не ја знаеше, во меѓувреме седи на иста маса со најмоќните во државата. 89 проценти од населението на Чиле ги поддржуваат барањата на протестното движење, за разлика, популарноста на претседателот Себастијан Пињера е во длабок пад. Тој се наоѓа под притисок:

„Студентите се млади, премногу идеалисти, но и многу нестрпливи. Тие сакаат веднаш да го променат она што е застојано веќе 20 години. Ние како влада ги делиме идеализмот и нестрливоста, но мораме да бидеме и реалисти. Невозможна е промена на чилеанскиот образовен систем преку ноќ“.

Camila Vallejo
Фотографија: Victoria Dannemann

Студентите сепак постигнаа делумен успех-владата најави подготвеност да седне на иста маса со студентите и да разговара за финансирањето на образовниот систем. Камен на сопнување остануваат парите. За квалитетно образование на универзитетите и училиштата во Чиле се плаќаат високи школарини, банките притоа добро заработуваат. Младите луѓе најчесто го стартуваат работниот век со големи планини долгови.

Претседателот Пињера го одбива максималистичкиот предлог за бесплатно школување: „Младите бараат бесплатно образование за сите, за сите образовни форми. Тоа е само сон, такво нешто нема никаде во светот. Нашиот предлог е-бесплатно образование за учениците кои не можат поинаку, но добро образование за сите“.  

Делумен успех на студентите

Студентите успеаја да изборат право на глас и при утврдувањето на буџетот за образованието во Чиле. Камила Ваљехо има сосем конкретни претстави: „За да разговараме за буџетот за образованието, мора да го знаеме предлогот. Ни рекоа дека ќе ни го дадат кога ќе седнеме на маса со владата, за да можеме да го промениме“.

Studentische Proteste in Chile
Чилеанските студенти и ученици на улиците во СантјагоФотографија: picture alliance/dpa

Еден исклучителен случај. Студентите барем ќе бидат консултирани кога е во прашање образованието. Министерот за образование Фелипе Булнес меѓутоа поставува предуслови: „Овој предуслов е фундаментално важен, за студентите и учениците да можат да се вратат на наставата. Ќе им го предадеме предлогот за буџетот за образование, откако тој ќе помине во парламентот, со што ќе биде достапен до сите Чилеанци“.

Меѓутоа, околу 200 илјади студенти и ученици нема толку бргу да се вратат на настава. Камила Ваљехо веќе соопшти дека нема да се откаже од целосно мобилизирање во земјата. Конфликтот за образованието во Чиле значи ќе потрае.

Автор: Хулио Сегадор/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска