1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струга повторно ќе биде Мека на поетскиот свет

18 август 2010

Утревечер (19.08.2010) покрај бреговите на реката Црн Дрим со традиционалната рецитација на „Тга за југ“ од Константин Миладинов и палењето на фестивалскиот оган официјално ќе започнат 49 –те Струшки вечери на поезијата.

https://p.dw.com/p/Oq94
СтругаФотографија: Milco Jovanoski

Годинава Струшките вечери на поезијата ќе се во знакот на добитникот на „Златниот венец “ поетот Љубомир Левчев од Бугарија. Седумдесет и пет годишниот Левчев зад себе има богато творештво од 50 збирки поезија на бугарски јазик, а во 34 земји во светот му се преведени и издадени околу 70 книги.

Мултимедијално претставување на поезијата

Се обидуваме со внесување мултимедијални форми да ги освежиме старите и да внесеме нови содржини изјави за Дојче веле поетот Славе Ѓорѓо Димоски кој е претседател на Управниот одбор на СВП:

„Главен акцент им се дава на ’Ноќите без интерпункција’ кои станаа вистински крвоток на фестивалот. Се чувствува една нова свежина, една нова динамика , Поезијата ја претставуваме мултимедијално. Во тој однос може да се воспостави еден многу близок контакт со слушателите и оние што ја изведуваат.

Отворена сцена за сите лиричари

Struga Innenstadt, Mazedonien
Стружани ќе бидат домаќини на преку 60 странски и 50 домашни поетиФотографија: Petar Stojanovski

Димоски говори и за еден нов куриозитет на манифестацијата:

„Тоа ќе биде отворената сцена на која годинава инсистираме и ќе биде поставена во атрактивниот двор на хотелот Дрим. И на неа секој што ќе сака без посебна најава ќе може да застане, да се качи и да си ги каже своите стихови, да си каже што мисли, што сака, да си најде свој простор така како што ќе испланира да се претстави пред публиката“.

И Прванов доаѓа во Струга

Во Струга ќе допатуваат 60 поети од сите континенти, ним ќе им се придружат и 50 од Македонија. Годинава ќе биде промовирана азербејџанската поезија, а нема да изостанат и традиционалните поетски читања „Мостови “ и „Меридијани “ како и портретот на венценосецот во „Света Софија “ и пикникот во Свети Наум. Дојче веле дознава дека во Струга деновиве во чест на лауреатот Левчев ќе допатува бугарскиот претседател Георги Прванов придружуван од неговиот домаќин и колега македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски