1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300310 Oberammergau Laienspiel

2 април 2010

Страдањето Христово и воскресението на Спасителот е централен настан во театарската претстава што ја играат речиси сите жители во едно село во германската покраина Баварија.

https://p.dw.com/p/MjsM
Фотографија: picture-alliance / dpa

Селото се вика Оберамергау, а неговите жители се заколнале пред неполни четири века дека секои 10 години ќе го претставуваат страдањето на Месијата, доколку тој тогаш ги спаси од налетот на колерата. Така тие сите овие години си го одржале ветувањето, а селото навистина останало поштедено од чума до ден денес.

Секоја вечер режисерот Кристијан Штикл собира разни делови од населението на селото кое брои вкупно околу 5.000 жители. Денеска на планот за проби е сцената на Маслиновата гора, кога Исус и неговите ученици го насетуваат предавството на Јуда. Режисерот Штикл нервозно пуши и се обидува со многу гестикулирање да го извлече најдоброто од локалните актери-натуршчици.

Задоен со театар

Кристијан Штикл не е само обичен режисер на оваа невообичаена аматерска претстава, туку е дел од неа на повеќе начини. Тој, имено, потекнува од Оберамергау. Татко му бил крчмар во селото, така што Кристијан Штикл уште од раното детство живеел со и во претставата. Затоа не е чудо што годинава по третпат со еднакво одушевување и ентузијазам се обидува да го постави „страдањето Христово“: „Израснав навистина во семејство кадешто неизбежно се расправаше за театарската претстава. Тоа е дел од мене, може да се каже дека сум го добил со мајчиното млеко. Во 1970 година, кога имав само седум години, постојано бев со дедо ми кај актерите и поради тоа скоро и да го го промашив второ одделение. Значи, од многу раното детство бев длабоко инволвиран во претставата...“

26.09.2009 DW-TV Hin und Weg oberammergau 1
Фасада на една куќа во селото Оберамергау

Целото село дише за претставата

Деновиве може да се каже дека целото село е длабоко инволвирано во претставата, бидејќи наскоро претстои премиерата. Се работи на сите страни. Мајсторите за сцената, шнајдерите за костимите, сите се во полн ангажман. Се` мора да се подготви многу внимателно: од ангелските крила до маслиновото дрво. Сценографот Ивон Калес го работи својот дел уште од март минатата година: „Да, тоа трае една година. Почнуваме од создавањето на модел за сцената, па потоа треба да се изработат сите скици. А потоа доаѓа и целата организација, снабдувањето материјал итн.“

Во истото здание, каде што е нејзината канцеларија, но еден спрат погоре, се фарбаат костимите. Марија Данкрот и Ана Марцел треба да ги спроведат до најситен детал сите упатства на костимографот: „Ова е костимот на Свети Петар. Минатата недела го довршивме костимот на Исус. Тој има боја на песок, нијанса меѓу сиво и беж“, појаснува Марија Данкрот.

Passionssiele Oberammergau Jesusdarsteller
Двајцата „Исуси“ за претставите во 2010Фотографија: Susanne Lettner

На прашањето зошто сето мора да се бои рачно, колешката Ана Марцел објаснува. „Многу е потешко во машина, таму многу брзо може да се расипат боите. Во машината процесот трае цел час и половина, а потоа може да се случи да излезе костимот со погрешна боја.“

Кој ќе биде Исус?

Костимите што ги подготвуваат тие смее да ги носи секој, кој е роден во селото Оберамергау или живее таму непрекинато најмалку 20 години. Одлуката за главните одлуки ја донесува режисерот најмалку една година пред претставата и потоа ги истакнува на огласната табла сред село. Сите главни улоги при тоа се двојно обезбедени. Така годинава главната улога на Спасителот им припадна на Фредерик Мајет и Андреас Рихтер. За првиот ова е голем предизвик, особено во централната сцена на распнувањето, кога полугол треба да виси на крстот пред неколку илјади посетители. „Физички тоа е сигурно најнапорната сцена, затоа што ќе висиме пред публиката околу 20 минути. Мене ми беше тоа многу необично. На претходните претстави други актери ја отеловуваа за сите нас улогата на Исус, но овојпат јас ќе висам на крстот пред толку многу луѓе и тоа е за мене поврзано со интензивно чувство на соголеност пред непознати луѓе. Впрочем, да висиш на крст полугол, тоа е навистина страшна смрт...“

Mariadarstellerinnen Passionsspiele in Oberammergau Foto: Susanne Lettenbauer
Двете „Свети Марии“Фотографија: Susanne Lettenbauer

За повеќето актери работата на претставата значи голема радост и возбуда, но исто така носи со себе и голем напор. Така е и за Андреа Хехт, која годинава за прв пат ја доби улогата на Света Марија: „Улогата бара напорна актерска работа, бидејќи е поврзана со многу интензивни чувства, од еден во друг миг да се покаже слабост, гласно да се вика, тоа не е така лесно пред толку непознати луѓе.“

Гости од цел свет

Непознати - и тоа во голем број - ќе има и оваа година. Организаторите очекуваат дека за време на стоте претстави ќе се слеат повеќе од половина милион посетители од сите краишта на светот, од САД преку Латинска Америка, до Велика Британија и Скандинавските земји. Ако и годинава се продадат сите карти, тогаш во касите на селото ќе се слеат милионски суми. Тие му се итно потребни на презадолженото село Оберамергау: „Станува збор од една страна за театарска претстава што е наша заклетва. Но, од друга страна нашиот ангажман има и силна финансиска мотивација, тоа не сакаме да го криеме. Очекуваме до 500.000 посетители, како и минатите години. На претходната претстава во 2000-та година заработивме околу 25 милиони евра од стоте претстави што ги играме од мај до октомври“, појаснува градоначалникот Арно Нун.

Passionsspiele in Oberammergau Männer mit Bärten
Оние кои не се вклучени во претставата, седат често во публикатаФотографија: susanne lettenbauer

Ако се остварат прогнозите и ако светската економска криза не им ги расипе сметките на селаните од Оберамергау, тогаш Господ сигурно ќе ги спаси барем од финансиска чума. Од правата колера веќе одамна никој во селото не се плаши...

Автор: Даниел Шешкевиц/Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски