1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв се шири меѓу Израелците

Торстен Тајхман17 јули 2006

Веста за 8 загинати во израелскиот пристанишен град Хаифа во ракетен напад од либанска страна, предизвика бран на шок во Израел

https://p.dw.com/p/Adzz
Тел Авив
Тел АвивФотографија: dpa - Bildarchiv

Продавницата за сладолед на Доро е во центарот на Тел Авив. Како и обично, во еден агол работи вклучен телевизор. Втората програма во неделата цело време прикажуваше само вести, слики од Хаифа, од местата каде што паднаа ракетите. Дорон е загрижен дека наскоро и Тел Авив би можел да биде цел на нападите од Хезболах: „Сигурен сум, максимално за два дена, во Тел Авив или нешто понастрана“.

Со стравот тој не е исклучок во Тел Авив. Според некое клише, се смета дека жителите на Тел Авив не се многу заинтересирани за остатокот на земјата. Типичен претставник за тие предрасуди е 37-годишниот Цах. Тој слободниот ден го минува на море. Уште ни не разбрал за нападите од Хаифа. „Осуммина мртви денеска? Тоа само многу ја влошува ситуацијата“. Цах останува без зборови, оти на знае што би можела таа вест да значи за наредните денови. Му звони мобилниот телефон – тој мора прво натамошно да ја пренесе веста за осумтемина загинати.

Жени со колички оставаат траги во песокот. Многу од нив, како 28-годишната Дариа, доаѓаат од северот. Таа ја носи в раце едногодишната ќерка. „Мојот маж работи во една хај-тех фирма во близина на либанската граница. Фирмата ги затвори сите бироа и не прати ваму. Сега сме по малку откорнати од својот живот“. На небото се појавуват два израелски хеликоптера. Дариа не се плаши; мажот и’ – да, но, вели, таа ни на северот немала страв. Многу повеќе ја загрижува дека израелската армија за долго време ќе оперира во Либан: „Последниот пат тоа траеше 18 години и имаше многу загинати војници. Мене не ми се допаѓа идејата за инвазија. Она што досега се случи е в ред – бевме нападнати и се браниме. Но, инвазиите се... валкани“.

Ни луѓето во Тел Авив веќе не веруваат во брзо решение на проблемот. Израел тоа и онака не може самиот да го реши, смета Цах. Но, поради тоа не мора да се има страв – се’ уште не: „Ништо не ти помага ако се плашиш. Но, можеби наредната недела, кога опасноста ќе се приближи – можеби кон Нетанија, Хадера. Кога ќе погоди твои пријатели, кога ќе видиш слики на мртви на телевизија, тогаш сфаќаш што се случило“.

Хезболах изјави дека Хаифа ја погодиле со ракети од ирански тип, кои имаат поголем дострел. Никој не знае дали е тоа вистина, па така Израелците, кои не се директно погодени од нападите, остануваат во една состојба “ни на небо, ни на земја“.