1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотина писма од Османи до политички адреси во ЕУ

29 април 2021

Разговорите со Софија се во застој. Двете влади да го заменат романтичниот јазик на сеќавањата со прагматичниот јазик на меѓународната безбедност, повикува бугарски професор

https://p.dw.com/p/3siZF
Bulgarien/Nord-Mazedonien Der mazedonische Außenminister Bujar Osmani trifft den bulgarischen Premierminister Bojko Borissov in Sofia
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност во контекст на европските интеграции на земјава, испратил писма до повеќе адреси во ЕУ: министрите за надворешни работи на земјите-членки, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика, до пратениците кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија и до други претставници на институциите на ЕУ.

Дали Европскиот Совет во јуни ќе ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година? Какви се очекувањата од писмата - го прашавме министерот Османи.

„Писмата се дел од активностите што ги презема МНР во рамките на мобилизирање на целокупната поддршка на земјите-членки и европските институции за почеток на преговорите во јуни. Писмото е испратено и до бугарските институции и бугарските европратеници. Кредибилитетот на процесот на приклучување на регионот во Унијата е под сериозен тест“, вели министерот.

Во писмото Османи потенцира дека годинава се одбележуваат 20 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Северна Македонија и ЕУ и 16 години откако земјата го добив статусот на земја кандидат.

„Историската  одлука од март минатата година, ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на Северна Македонија дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните на Северна Македонија ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме", наведува Османи.

Bulgarien Bujar Osmani und katerina Zaharieva
Фотографија: MFA of North Macedonia

Тој потсетува на историскиот Договор од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија како главна одредница и иницијална каписла што ги отвори вратите за европската иднина на Северна Македонија, но дале поттик и за сите земји од Западен Балкан.

„Усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот“, пишува шефот на македонската дипломатија.

Сеќавања или безбедност

Иако Софија во моментов е окупирана со постизборни активности, односно соочена со можноста за нови избори, спорот со Македонија и натаму е присутен во анализи и дебати.

„Владите во Софија и Скопје треба да ја прифатат како своја должност замената на романтичниот јазик на сеќавањата со прагматичниот јазик на меѓународната безбедност", повика бугарскиот професор Стефан Попов, доктор по филозофија и социјални науки.

Повеќе на темата:

-Фридом хаус: Националистичкото размислување во Бугарија ја блокираше С. Македонија во ЕУ

-Позицијата на Софија кон Скопје останува иста

-Неизвесноста во Софија ги мати надежите на Скопје

Во анализата под наслов Европско решение за ‘македонското прашање‘“ објавена во „Eurozine“ и бугарскиот портал „Култура“, ветото на Софија за почетокот на македонските преговри со ЕУ тој го оценува како националистички анахронизам. 
„Бугарското вето на преговорите за пристапување на Северна Македонија од минатиот ноември, беше израз на националистички анахронизам кој меша културни прашања со проблеми на меѓународната безбедност. Стабилноста на Балканот зависи од зајакнувањето на државноста во Северна Македонија, што може да се гарантира единствено по пат на нејзиното членство во ЕУ“, пишува Попов.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Иако САД, преставници на ЕУ и лидери на зејмите членки го изразиле нивното разочарување од бугарското вето, тој на хоризонтот не гледа брзо и лесно решение, туку сигнали за влошување, и укажува на ризиците од тоа.

„Целта да се постигне долгорочна стабилност во Југоисточна Европа, би била недостижна доколку прашањето за Северна Македонија не добие одржливо решение. Не Косово, туку Северна Македонија претставува најголем ризик за регионот. Косово беше српска „покраина“ и иако проблемот е остар, во него се вклучени само две земји. Случајот со Северна Македонија, обратно, води до мноштво последици за стабилноста на целиот регион", оценува тој.

Во анализата тој објавува цитат од текст во учебник од 1977 година посветен на состојбите во Македонија во почетокот на 20. век, во кој се опишани разни аргументи (јазични, верски, културни) кои се користеле како основа за претензии од Бугарија, Србија и Грција за да придобијат дел од Македонија, ценејќи ја како природен додаток на нивниот национален интегритет, во време кога големите сили (Германија, Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија) сметале дека оној што ја контролира Македонија може да го контролира целиот регион.

„Дискусиите за Македонија во тој период го создадоа она што оттогаш ќе се нарекува ‘македонско прашање'", пишува Попов.

Еден век подоцна

Што е променето до денес?

„Односот на нејзините соседи многу потсетува на старите идеи од пред еден век и повеќе. Денес, соседните земји имаат забелешки на јазикот на Северна Македонија, нејзината историја и националните симболи. Тие јасно и агресивно инсистираат на тоа дека целата социо-културна срж на Северна Македонија не е нејзина, туку украдена од нив (...) Како би изгледало целосното задоволување на ваквите тврдења? Доколку овие барања беа исполнети, Северна Македонија ќе имаше територија и државни институции, но ќе беше лишена од јазик, култура, историја и симболични ресурси. Ова би било апсурдна конструкција“, пишува Попов.

Тој се осврнува на етничките односи на земјата, конфликтот од 2001 година и политичката криза од 2015 година, економската состојба, а потсетува и на разни повици за прецртувањето на границите на овој дел од Балканот, кои ги смета за анахрони.

„Ниту една земја во регионот нема капацитет да интегрира големи делови од населението, економијата и општеството во Северна Македонија, дури и ако тоа го сака. Целиот регион мора да ги сфати многу сериозно ризиците до кои водат сценарија за дезинтеграција на државата Северна Македонија. Ако тоа се случи, ќе се појават две неодржливи полудржави или две заедници со неодредена државност. Ваквиот развој на настаните ќе предизвика домино ефекти во различни насоки во регионалниот простор. Ниту една од соседните земји не можеше да избегне сериозни штети“, пишува Попов.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Притоа потенцира дека денес НАТО обезбедува гаранции за заштита, но не и за заедничка внатрешна стабилизација и развој, и дека целосното членство во ЕУ е единствениот начин да се стабилизира Северна Македонија.

„Меѓународните посредници, водечките земји-членки на ЕУ и мисиите на САД треба да вложат големи напори за да ја убедат Бугарија да го поддржи процесот на интеграција на Северна Македонија. Нема да биде доволно бугарската влада да биде принудена да попушти под надворешен притисок. Меѓународната помош треба да помогне во радикално менување на јазикот што го зборуваат двете соседни земји за Северна Македонија. И бугарската и македонската влада мора да бидат убедени во едноставната вистина дека меѓународната интеграција е насочена кон гарантирање на мирот и безбедноста, а не кон историјата, симболите, спомените и сенародните емоции. Двете влади треба да ја прифатат како своја должност замената на романтичниот јазик на сеќавања со прагматичниот јазик на меѓународната безбедност“, порачува Попов.

Немаме соговорник

Поради изборните и постизборни процеси во Бугарија, во моментов Скопје нема конкретен соговорник во Софија. Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, по завчерашната средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потврди дека најголем дел од дискусијата бил посветен на спорот со Бугарија.

„Ние сме подготвени, имаме специјален претставник за тоа прашање, имаме целосна координација меѓу највисоките владини претставници и мојот Кабинет на таа тема, подготвени сме уште денеска да се вратиме на маса, да разговараме за сите отворени прашања се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно“, изјави Пендаровски.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Но, разговорите во овој момент се неизвесни, бидејќи е можно Бугарија да оди на нови парламентарни избори, а во таков случај би имала техничка влада, без политички легитимитет да разговара за спорните прашања. Надежите засега се вперени кон сесијата за односите меѓу Европската Унија и Западен Балкан, што ЕУ ја има закажано на 10-ти мај.

„За таа цел, нивната комисија и нивниот посебен директорат за таа цел има изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан бидејќи, за жал, во регионот две држави чекаат да почнат преговори а тоа се одолговлекува во неколку наврати. Прво ја чекавме новата методологија, таа беше усвоена, подоцна излегоа некои други проблеми, а две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. ЕУ тоа сака да го промени, по можност до крајот на годината. Можеме само да ги поздравиме нивните напори, бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција кон ЕУа без некои сигнификантни чекори напред“, изјави Пендаровски.