Стартот на првиот приватен вселенски транспортер запрен
19 мај 2012И овојпат неуспешно - планираниот старт на првиот приватен вселенски транспортер „Драгон“ е прекинат. Ракетата носач на капсулата „Драгон“, „Фалкон 9“ и самиот транспортер се развиени во калифорниската фирма „Спејс икс“. Портпарол на фирмата изјави дека инженерите ќе ги анализираат причините, а повторно лансирање од базата Кејп Канаверал нема да има во текот на денешниот ден (19.05). Според досегашните сознанија, стартот е прекинат поради проблеми со моторот на ракетата носач.
„Драгон“ треба да однесе 500 килограми, пред се‘ животни намирници, на Меѓународната вселенска станица ИСС. Стартот на капсулата, која е прв комерцијален транспортер, досега беше неколку пати одлаган. Ален Линденмојер од американските вселенски власти, вчера оцени дека мисијата на „Драгон“ е исклучително комплицирана. Како особено компликувано важи слетувањето на ИСС. Двајца астронаути кои се наоѓаат на вселенската станица би требало во последната фаза на летот да ја фатат капсулата со рака на робот и да ја прицврстат на ИСС. По две недели, капсулата треба да тргне повторно кон Земјата, натоварена со 600 килограми отпад од ИСС. Таа на Земјата би требало да се спушти во Пацификот, пред брегот на Калифорнија, од каде со брод ќе биде донесена на копно.
Фирмата „Спејс икс“ има намера да ја развие капсулата така да биде способна еден ден во вселената да пренесува луѓе. Според зацртаните цели, тоа би требало да е можно до средината на 2015 година, вели портпаролот на фирмата, Гвини Шотвел. „Спејс икс“ за НАСА би требало да апсолвира 12 транспортни летови. Американските вселенски власти со фирмата за таа цел склучија договор тежок 1,3 милијарди евра. Подготвени се и други фирми. Американската „Орбитал Сајенс Корпорејшн“ исто така планира до крајот на годинава да го апсолвира првиот лет за ИСС.