1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старите мобилни телефони се вистинско богатство

26 декември 2011

Во старите мобилни телефони покрај 10 до 15 грама бакар се крие и одредено количество злато и сребро. Фирмата „Аурубис" врши рециклирање на старите мобилни телефони и со тоа произведува нови суровини.

https://p.dw.com/p/13Vx1
Старите мобилни телефони се еден вид „урбан рудник"Фотографија: DW

Во магацинот на фирмата „Аурубис“ има два тони мобилни телефони, некои потекнуваат уште од самиот почеток на мобилната телефонија. Овие телефони завршуваат во машина за мелење. За раководителот на проектот, Детлев Ласер од „Аурубис“, голем дел од историските модели претставуваат вистинско богатство.

„Еден ваков мобилен телефон содржи 10 до 15 проценти бакар. Освен тоа, на електронските контакти може да се види дека има и големо количество злато. Тоа значи, дека во еден тон мобилни телефони има 250 до 300 грама злато. Згора на тоа, уште околу 2.000 или 2.500 грама сребро. Токму тоа е она што не‘ интересира. Кога се’ ќе се пресмета, благородните метали и работите кои носат пари, тогаш овде има 9 до 10 илјади евра“, вели Детлев Ласер од „Аурубис“.

Фирмата „Аурубис“ рециклира компјутери, телевизори и мобилни телефони, односно преку половина милион тони електричен отпад. Од отпадот фирмата за рециклирање произведува нови суровини.

„За нас тоа е нов извор на метали. Ние немаме рудници, ниту, пак, некои други рудни богатства. Затоа, за нас мобилните телефони се еден вид ’урбан рудник’, односно ние ги вадиме металите од телефоните што ни‘ се потребни за нашето стопанство и за процесот на производство, и повторно им ги ставаме на располагање на истите.“

Понуда во пари за сопствениците на стари мобилни телефони

Mobiltelefon Recyling in den USA
За смарт-мобилен телефон можат да се добијат и до 300 евраФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓутоа, има еден проблем. Само малкумина потрошувачи знаат какви богатства навистина се кријат во старите мобилни телефони. Затоа, од неодамна трговците им нудат пари на луѓето за нивните стари мобилни телефони. Фирмата „Аурубис“ месечно купува околу 8.000 стари апарати. Некои од телефоните се стари само неколку месеци.

Муштериите имаат можност преку интернет да добијат проценка за вредноста на нивниот стар мобилен телефон. Во зависност од староста и од тоа во каква состојба се наоѓа телефонот, може да се добие дури и 300 евра за еден модерен смарт-телефон. Доколку мобилниот се’ уште функционира, најпрво се бришат податоците, се преработува технички и потоа повторно се продава.

„Процесот на продажба на нашата интернет страница трае три до четири минути. Меѓутоа, морате уште да го спакувате апаратот, да го однесете во пошта, се разбира бесплатно. Парите ќе ги добиете на сметка во рок од седум дена. Се работи за сериозен метод за разлика од аукциските платформи, каде човек не знае каков е успехот на крај“, објаснува трговецот Филип Кеслер.

Извор на бакар

07.01.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT REPORTAGE Aurubis
Во Фирмата „Аурубис" издробените мобилни телефони директно се топат во бакарФотографија: DW-TV

Во фиоките на секое германско домаќинство се наоѓаат два до три мобилни телефони. Благодарение на финансискиот поттик старите апарати треба да се вратат во стопански оптек. И покрај тоа што не можат повторно да се користат, тие кога-тогаш, завршуваат во фирмата „Аурубис“. Таа е единствената фирма во Германија каде издробените мобилни телефони можат директно да се стопат во бакар. Инаку, бакарот во моментов на светскиот пазар е толку баран и скап, како никогаш досега. Без електронскиот отпад потребата за бакар не би можела да се задоволи. Фирмата „Аурубис“ годишно произведува околу еден милион тони бакар.

„Тоа е анода што содржи 98 проценти бакар. Освен тоа, таа е облагородена и со други метали, како никел, олово, и скапоцени метали, како злато, сребро и паладиум. Металите се даваат на електролиза и потоа се преработуваат во чист бакар“, објаснува Детлев Ласер.

Електролизата е последниот дел од процесот на рециклирање. Потоа металот се става под висок електричен напон во сад со сулфурна киселина. На тој начин, од три тони стари мобилни телефони, се добива една бакарна плоча со чистота од 99, 9 проценти.

Автор: Клаудиа Ласцак / Светлана Брик

Редактор: Ж.Ацеска