1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стариот гигант, разнишан

Ролф Венкел16 септември 2008

Американскиот автомобилски гигант Џенерал Моторс денеска слави 100 години постоење. Големиот јубилеј компанијата го дочекува во услови на најтешка криза и со рекордни загуби во милијарди

https://p.dw.com/p/FIyj
Фотографија: AP

Tитулата најголем автомобилски производител на светот, концернот од Детроит му ја предаде на Тојота, а иднината е неизвесна. "Џенерал Моторс" честопати доживуваше турбулентни времиња. Концернот е формиран во 1908 година, како холдинг, од страна на Вилијам Дурант, производител на кочии. На почеток компанијата започна со производство на автомарката Бјуик, по што следуваше купување на неколку марки на тогаш сеуште младата американска автоиндустрија: Олдсмобил, Понтијак и Кадилак. Подоцна беше купен и Шевролет.

Почетната стратегија даде резултати

Различно од конкурентот Форд, кој се ориентираше на масовно призводство, Џенерал Моторс настапи со стратегија на повеќе модели. Уште рано американците можеа набрзина да купуваат модели на ЏМ. Брзата промена на моделите предизвика поттик на купувањето. На крајот на дваесетите години Џенерал Моторс го помина Форд и ја освои титулата најголем автопроизводител во светот. Карк Петер Форстер, шефот на Џенерал Моторс во Европа, за Дојче Веле изјави:

„ Имаме навистина една голема историја, голема традиција зад нас. Многу работи на кои можеме да погледнеме со гордост, но исто така и многу работи не прават сега радосни. Автомобилската индустрија е многу динамична. Се случуваат неверојатно многу работи. Во моментов се разбира актуелна е темата за тоа како во наредните сто години можеме да станеме еколошки, одржливи, самостојно мобилни„

Почетоците на големата криза

На почетокот на 70-те години, гигантот започна да се ниша. Првите шокови предизвикани од цената на нафтата ја фрлија автомобилската индустрија во криза и го поттикна развојот на јапонските марки. Џенерал Моторс загуби добар дел од пазарот и во 80-те години отпушти десетици илјади вработени.

Следуваше повторно фаза на закрепнување, во која ЏМ, пред се оствари добри резултати со транспортните и теренските возила. Сега кризата продолжува. Американските модели со висока потрошувачка се непрактични и не се продаваат. Притоа повеќе не помагаат ниту акциите и попустите на трговците. Од 2005 година, загубите на концернот изнесуват околу 70 милијарди долари. Набљудувачите веќе зборуваат за неликвидност. Карл Петер Фостер:

„ Со години во САД имавме модел на работа кој носеше енормно големи социјални издатоци. Ги покривавме трошоците за здравство на нашите вработени, исто така и на пензионерите, што годишно изнесува по шест милијарди долари. Поради ова бевме изложени на големи издатоци за пензии. Овој модел, таканаречен социјален соживот во САД, во кој државата покрива дел од издатоците на фирмите, но не на сите, е се` пооспоруван. Поради тоа моравме се разбира да се откажеме од теренските возила кои носеа добра заработка. Тоа се болни промени„

Тоа важи исто така и за Адам Опел АГ кој беше купен во 1926 година. По повеќегодишни загуби ЏМ ја повлече кочницата и примени план за санација на германскиот производител, со кој беа намалени 9000 работни места. Резултатот, Опел денес е солидна фирма, заради која концернот мајка нема причина да се жали.

За роденденот нема да има спектакуларна забава, како што направи конкурентот Форд пред пет години. Јубилејот е под мотото „ Идниот ЏМ„ кој од денеска треба да го означи почетокот на второто столетие, во кое презентациите и дискусиите треба да се однесуваат на идните технологии:

„ Верувам дека и натаму ќе се возиме во автомобилите кои технички ќе изгледаат сосема поинаку. Веројатно ќе останат само големите играчи, бидејќи развојот на новата технологија ќе бара многу пари и истражувања. Ние ќе останеме еден од тие големи играчи во автомобилската индустрија„ вели шефот на Џенерал Моторс Карл Петер Форстер