1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Станува ли Турција доселеничка земја?

Томас Борман / Симе Недевски25 март 2012

Се’ повеќе доселеници од Ермeнија, Грузија, но и од земји на Европската унија, како Бугарија, доаѓаат да работат во Турција. Најчесто престојуваат нелегално, а турските власти ги заоструваат правилата за престој.

https://p.dw.com/p/14Nv9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Алија Исмаилова долго не била кај своите деца и внуци во татковината -Бугарија. Таа работи и живее кај семејството Озтурк во истанбулската населба Улус. Им ги чува децата - Мелис која има осум години и тригодишниот Бурак. Освен тоа, Алија Исмаилова се грижи за валканата облека и готви.

„И во Бугарија би можела да работам како куќна помошничка. Во Софија би можела да заработам околу 1000 лева месечно, значи околу 500 евра. Овде во Истанбул сум далеку од дома, но заработувам повеќе. Најдов многу добро семејство и зошто би си одела? Не, повеќе сакам да останам во Турција“, вели Алија.

Турските плати поголеми од бугарските и романските

Со стопанскиот бум пораснаа и платите во Турција. Тие се значително повисоки отколку, на пример, во Бугарија или Романија, земјите-членки на Европската Унија. Турските плати се дури неколкукратно повисоки од примањата во земјите од регионот на Кавказот - Ерменија и Грузија. Затоа илјадници жени од соседните земји работат како дадилки и негувателки во Турција. Есин Озтурк познава бројни турски семејства кај кои работат куќни помошнички од овие земји.

Istiklal Caddesi
Фотографија: dpa

„Главно тоа е стручна работна сила, жени кои завршиле школи во земјите од поранешниот Источен блок. Може да ви се случи да најдете квалификувана медицинска сестра или воспитувачка. Ним луѓето со задоволство им ги доверуваат своите деца. Една Турчинка со вакви квалификации тешко дека би работела во приватно домаќинство“, вели Есин Озтурк и додава дека Турчинките би побарале многу поголема плата.

Заострување на правилата за престој

Мал е бројот на странски работници кои имаат дозвола за работа во Турција. Официјално тие се туристи и имаат право да останат во Турција само три месеци. Досега тие одредби можеа лесно да се заобиколат. Беше потребно по истекот на тие три месеци само да се премине турската граница и потоа повторно да се врати во Турција на уште три месеци.

Bosporusbrücke in Istanbul
Истанбул - ноќна панорамска фотографијаФотографија: picture-alliance/dpa

Но од 1. февруари наваму тоа веќе не се може. Кој во Турција престојувал 90 денови нема право повторно да се врати во наредните 90 денови.

Освен тоа, турската влада има намера да ја сузбие работата на црно. Во Турција во моментов има околу 100 илјади странци без дозвола за престој. Тоа за властите е премногу. Затоа ќе бидат заострени законските одредби за издавање на дозволата за престој и ќе се преземат мерки за справување со проституцијата и работата на црно во градежништвото, каде покрај во приватните домаќинства има најмногу нелегални странски работници.