Ставрески: Кратко „не“ за зголемување на даноците
19 октомври 2011Прашањето до министерот за финансии Зоран Ставрески, кој одговараше на новинарски прашања по денешната прес-конференција посветена на кредитната линија од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка, намената за средните и малите претпријатија, беше - дали доколку задолжувањето надвор стане скапо, владата размислува да ги зголеми даноците и да воведе прогресивно оданочување?
Министерот одговори кусо - „не”, и појасни:
„Во нашата програма нема предвидено зголемување на даноци, ниту воведување на прогресивно оданочување. Сметаме дека тоа е лоша политика, посебно во вакви околности, кога во економијата во Европа и светот се случуваат кризни ситуации, зголемувањето на данокот не е добро и тоа би одвело многу претрпијатија во пропаст. Остануваме на тоа дека наспроти предизвиците кои ги имаме како земја, Македонија ќе остане со најниски даноци во Европа“ , рече Ставрески,
Според него, истото се однесува и на придонесите. Министерот најави дека владата размислува како да ја подобри наплатата на придонесите.
Автор:СН/ЕМФ/миа/макфакс
Редактор: Е. М. Фиданоска