1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Срцето чука за „Бафана, Бафана“

11 мај 2010

Секој петок, на улиците во Јужноафриканската Република се’ повеќе луѓе ги носат боите на националниот тим: жолта или зелена. Тие се подготвуваат за Светското првенство на свој начин.

https://p.dw.com/p/N2iN
Фотографија: picture alliance / dpa

Димакатсо Машиго не може да дочека конечно да почне Светското фудбалско првенство. Дотогаш има уште неколку недели, па за побрзо да и’ мине времето, трговката од близината на Преторија, секогаш на „сокер фрајдеј“ го носи жолтиот дрес на националната репрезентација. „Целото семејство го прави тоа, и јас ги охрабрувам. Јас ги купив дресовите и реков: мора да ја подржуваме ’Бафана, Бафана’ и да и’ покажеме: Јужноафриканската република стои за вас! Иако луѓето велат нема да успеете, тоа не не’ загрижува. Важно е ’Бафана, Бафана’ да ја претстави Републиката.“

Fußball WM Südafrika 2010 Gisham Njoroge
Фотографија: DW

Во жолто или зелено, се‘ едно, и двете се бои на репрезентацијата, вели Тами Банда, портпарол на програмата за Светското првенство за градот Преторија. „Кога нашата репрезентација игра дома носи жолти дресови, кога игра на гости носи зелени дресови. Оттука, секој донесува лична одлука дали ќе си купи жолт или зелен дрес.“

Но, многу пријатели на Димакатсо Машиго досега не се определија за ниту една од двете бои: „Едноставно ме боли кога гледам дека моите пријатели се определиле да поддржуваат други играчи или репрезентации.“

Fußball WM Südafrika 2010 Pretoria Werbung Flash-Galerie
Фотографија: DW

Притоа, многу малку Јужноафриканци навиваат за други репрезентации. Нивното срце чука за англиската Премиер лига, поради што во моментов секој петок порадо ги носат дресовите на Челси, Арсенал или Манчестер. Токму тоа беше и идејата за „фудбал во петок“: да се облече дресот на омилената репрезентација и со тоа да се покаже љубовта кон топката. Тами Банда вели: „Колку повеќе се приближува почетокот, толку повеќе луѓето мора да ја подржуваат ’Бафана, Бафана’. Мора нешто да смениме за луѓето навистина да застанат зад националната репрезентација.“

Во полициска станица со дрес

Организаторите на ова движење не мора да ја поттикнуваат полицијата да му се приклучи. Полицајците се разбира не смеат да патролираат во жолти или зелени дресови, но полициската станица во центарот на Преторија е една од првите институции, која го подржа „сокер фрајдеј“ и на персоналот што работи во станицата му дозоволува секој петок да носи дрес. Така, во канцеларијата на Лилијан Матаре, уште сега се чувствува расположението за големиот фудбалски настан. „Горди сме што претседателот и нашиот национален комесар ни‘ дозволуваат секој петок да носиме дресови. Така ја поддржуваме репрезентацијата.“

Fußball WM Südafrika 2010 Fußball-Fans Polizeistation
Во полициска станица со дресФотографија: DW

Но, со „сокер фрајдеј“ е поврзан и еден проблем. Многумина Јужноафриканци се жалат оти цените на дресовите се многу високи. Тие чинат 200 ранди, или околу 20 евра. Тами Банда ја отфрла критиката: „Свесни сме колку чинат дресовите. Но, Јужноафриканците полека сфаќаат дека националната гордост нема цена.“

Автор: Катрин Генслер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска