Среќа, љубов, мир и бериќет за Бадник
6 јануари 2009Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска (6 јануари 2009 г.) здружението „Бадник“ по 17-ти пат делеше осветени или благословени бадникови гранчиња, нафора и топлена ракија. Илјадници граѓани се собраа пред црквата и низ игра и песна ги поздравија стариот и новиот кум на Бадник.
Традиционалното одбележување на Бадник го благослови архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан, здравица кажа писателот Венко Андоновски, а кумството го преземаа членовите на групата „Синтезис“.
Осветените бадникови гранчиња, што според црквата значат здравје и среќа, но и благослов и најава за раѓањето на Христос, вечерва во секој православен христијански дом, на бадниковата вечера ќе бидат ставени под свечената, посна трпеза.
Прославата на Бадник почна со коледарските огнови и песни. Традицијата вели дека во стари времиња коледарските огнови гореле цела ноќ. Со жарот од него, изутрината домаќинките ги потпалувале домашните огништа. Потоа замесувале благи колачиња и со нив ги пречекувале коледарите.
Бадник е време кога семејството се собира на посна вечера. Според традицијата, домашните треба да изнесат од се’ по нешто на трпезата, за годината да биде бериќетна.