1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија очекува истрага против УНМИК

Sime Nedevski26 декември 2010

Властите во Белград сметаат дека поранешните челниците на УНМИК вршеле опструкции во случајот со наводната трговија со органи на Косово. Тие сметаат дека Трибуналот во Хаг треба да покрене постапка против нив .

https://p.dw.com/p/zprL
Косовскиот премиер Хашим Тачи е во центарот на истрагата за наводната трговија со органиФотографија: picture-alliance/dpa

Очекуваме Трибуналот во Хаг да покрене постапка за непочитување на тој суд против тогашните членици на УНМИК, меѓу кои и Сорен Јесен Петерсен, изјави шефот на Националната канцеларија на Србија за соработка со Хашкиот трибунал, Расим Љаиќ. Тој во интервју за неделното издание на весникот „Блиц“ го повика Трибуналот да започне истрага за наводните опструкции на УНМИК за кои говори и извештајот на известувачот на Советот на Европа, Дик Марти за трговијата со органи на исчезнати лица на Косово, но и извештаите на поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте, форензичарите и Обвинителството за воени злосторства на Србија.

Serbien Minister Rasim Ljajic wegen Erfolglosigkeit zurückgetreten
Србија бара истрага и против УНМИК. фото: Расим ЉајиќФотографија: AP

„Хашкиот трибунал за тоа има мандат“, порача Расим Љаиќ.

Вукчевиќ: Не може да се премине преку такви монструозности

Српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ пак во интервју за новинската агенција Бета порача дека српското правосудство има капацитет за истрага и работа на предметот за трговија на органи на Срби и неалбанци на Косово.

„Истрагата натаму можат да ја спроведуваат или српското правосудство или ЕУЛЕКС или албанското правосудство или сите три инстанци заедно“, истакна Вукчевиќ.

Според него по извештајот на Дик Марти е јасно дека не може да се премине преку такви монструозности и оти злосторството не може да помине неистражено туку треба се’ да се истражи до крај.

Dick Marty Abgeordneter des Europarats NO FLASH
Тачи ќе ги гони соработниците на Дик МартиФотографија: AP

На прашањето дали случајот со трговија на органи би можел да го преземе Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Вукчевиќ оцени дека интернационализацијата на случајот би била добра идеја, но и оти не знае дали воопшто е возможно да се спроведе тоа со оглед на изјавите на клучните меѓународни фактори.

Извештајот на Марти е политички памфлет, смета Тачи

Косовскиот премиер Хашим Тачи пак повторно жестоко го критикуваше извештајот на Дик Марти, истакнувајќи дека станува збор за „политички памфлет, подготвен во Србија со поддршка на Русија“. Тој исто така во две одвоени интервјуа најави дека наскоро ќе објави список со имиња на Албанци кои му помагале на Марти да го подготви извештајот во кој е обвинет за трговија со човечки органи. Косовскиот премиер порача дека тие што му помагале на Марти, многу ќе се засрамат бидејќи ќе се види на кој начин се подготвувал извештајот.

Автор:СН/БГ/бета/миа

Редактор: Борис Георгиевски