1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија кажа не и што сега?

Ивица Петровиќ/бета/ Елизабета М. Фиданоска9 април 2013

Српската влада го отфрли понуденото решение за Косово. Косовската влада изрази разочарување. Брисел вели дека не може да наметнува решенија. Со што сега ќе се соочи Белград?

https://p.dw.com/p/18C6p
Фотографија: AFP/Getty Images

Српската влада едногласно го отфрли понуденото решение за Косово и предложи итно продолжување на дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ. „Владата на Србија не може да ги прифати предложените принципи кои му се усно предочени на преговарачкиот тим на Белград, затоа што не гарантираат безбедност, опстанок и заштита на човековите права на Србите на Косово. Таков договор не е спроведлив и не би довел до конечно и одржливо решение“, соопштено е од Владата на Србија.

Косовскиот премиер Хашим Тачи за весникот „Блиц“ денеска (09.04) вели дека пропаст на дијалогот не е опција ниту за Србија ниту за Косово. „Останувам решен и подготвен да го прифатам секој повик за заеднички состанок во Брисел што би дошол од Ештон“, рече Тачи.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештн пак, соопшти дека „жали поради одлуката на српската влада да ги отфрли предлозите“ и ги повика двете страни да направат последен напор за постигнување договор „за добро на нивните народи“. Ештон нагласува дека по повеќе рунди разговори верува дека сите елементи за договор околу северно Косово се на маса. „Тоа бара потреба за договор на двете страни, но ЕУ не може да го наметнува“, вели таа.

Економски и други последици...

Србија ќе се обиде да најде решение за одбивање на договорот со Приштина во формулација дека е подготвена на продолжување на дијалогот, но со нагласување дека бара дополнителна заштита за Србите на северот на Косово, пред се‘ во делот на полицијата и правосудството, оценува за ДВ поранешниот амбасадор на Србија во Германија Огњен Прибичевиќ. Клучен проблем, според него, сепак е како тоа ќе биде протолкувано на Запад, односно во Вашингтон, Брисел и Берлин:

„Тоа, се разбира, ќе биде протолкувано како одбивање на сегашниот предлог и се плашам дека тоа секако ќе има последици за нашиот натамошен развој. Тука пред се‘ мислам на економските последици. Во тој смисол, Александар Вучиќ е во право кога вели дека на луѓето мора да им се објасни што ќе се случува натаму на економски план, зашто очигледно е дека Србија нема да може да ги финансира сама сите свои обврски и тука многу зависиме од богатите западни земји.“

Dialog Belgrad-Pristina
Дијалогот по клучните прашања е јаловФотографија: DW/Marina Maksimovic

Србија бара уште отстапки?

На Европа, секако, не и‘ одговара Србија да остане надвор од европските интеграции, но сега е прашање што ќе се случува со надворешнополитичката ориентација на Србија:

„Претпоставувам дека Западот нема да биде расположен да ги дава и натаму и тоа малку пари што досега ги дава. Тогаш се поставува прашањето - како Србија ќе се ориентира и во која насока? Тоа се‘ во овој момент е отворено зашто сигурно е дека Западот ќе најде начин да го изрази своето незадоволство со ваквиот став на Србија“, нагласува Прибичевиќ.

Ова на некој начин е обид на Србија да добие уште нешто за да може да се согласи на договор со Приштина, оценува за ДВ Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика.

„Мислам дека во српската влада постои желба да се испреговара уште нешто со ЕУ и да си направи себеси барем некаква отстапница, пред се‘ кај луѓето што ги поддржуваат.“

Поповиќ смета дека српските власти сами се довеле во тешка ситуација, затоа што наместо со некои практични прашања се занимавале со територијални автономии и овластувања на некаков нов ентитет на Косово.

„Ние почнавме од тоа што не може да се добие. Значи, нова Република Српска на Балканот... Просто е незамисливо кој било на светот да прифати такво сценарио. Значи, кога сме веќе доведени во оваа ситуација, мое мислење е дека моравме да потпишеме. Подобро е дури и ваков договор отколку да се нема никаков договор и да се продолжи оваа агонија во која се наоѓаат и Србија и Косово и целиот Балкан“, истакнува Поповиќ.

Според него, европските интеграции на Србија во секој случај ќе доживеат застој, барем до средината на наредната година.