1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Спутник V: Туристички тури за вакцинирање во Русија?

Емили Шервин
3 април 2021

Официјално руската граница за повеќето земји и натаму е затворена поради пандемијата. Но, меѓународни туристички агенции веќе букираат патувања во Москва за вакцинација, очигледно со премолчена дозвола од Москва. 

https://p.dw.com/p/3rWyE
Coronavirus Bosnien | Impfkampagne
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Две кратки патувања до Москва во времетраење од четири дена, еден ден прошетка по знаменитостите во градот и една доза од руската вакцина Спутник V: тоа го нуди норвешката туристичка агенција „Ворлд Визитор" на своите клиенти кои се желни да стекнат имунитет на коронавирусот. Цените на туристичкиот пакет за вакцинација против Ковид-19 се меѓу 1.200 и 3.000 евра, а наплатата се извршува дури откако ќе им биде одобрена виза. Во ситуација во која Европа се соочува со недостиг од вакцини, ваквите понуди може да бидат интересни за многу патници, иако руската вакцина Спутник V и натаму чека на одобрение од Европската агенција за лекови, ЕМА. 

Во Германија јавноста во изминатите недели е бесна поради бавното темпо со коие се одвива вакцинацијата. Некои Германци чарето го бараат надвор од своите граници. 

Првите германски патници на турата организирана од агенцијата „Ворлд Визитор" се очекува да пристигнат во Москва на 8 април, а неколку недели подоцна е планиран вториот престој за втората доза од вакцината. ДВ разговараше и со претставници на италијанската агенција „ЕурАзијан" која исто така ги разгледува логистичките можности за организирање тури за вакцинација во странство.

Руските власти официјално уште не дале зелено светло за вакциналниот туризам, а границите де факто се и натаму затворени за граѓаните на повеќето земји од ЕУ, вклучително и Германци. „Засега нема програма за вакцинални туристи во Русија," изјави на 22 март министерот за здравство на земјата, Михаил Мурашко. Неделава пак портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, призна дека имало барања да се размисли дали „на странци треба да им се овозможи влез во земјата за вакцинација” и додаде дека “прашањето за организиран наменски влез на странци" ќе биде разгледано од владата. Тој нагласи дека сепак „апсолутен приоритет" во моментот имаат руските граѓани. 

„Руски и странски”

Зад затворени врати руските власти се чини се под притисок за дозвола за влез на странски државјани кои сакаат да се вакцинираат против Ковид-19. Народниот серуски фронт, коалиција на јавни политички организации која е основана и предводена од Владимир Путин, активно е вклучена во организацијата на вакцинациските тури. Организацијата излезе со писмо за поддршка на планираните патувања, во кое ДВ имаше увид и кое треба да го обезбеди добивањето виза. 

-повеќе на темата: Расте интересот во Европа за Спутник V

Спутник V наскоро и во ЕУ?

Во документот се вели дека вакцинацијата за „руски и странски граѓани” е иницијатива на „централната клиничка болница на административниот оддел на претседателот на Руската федерација" и на Федералната медицинско-биолошка агенција, која е национален институт за јавно здравје. 

Фронтот дава поддршка и на турите на агенцијата „Ворлд Визитор" за руски граѓани кои живеат во Германија. Првите 40 руски граѓани кои се очекуваат следна недела треба да ги покријат само трошоците за летот. Нема да потрошат ниту цент за хотелското сместување, ниту медицински или транспортни трошоци во и околу Москва. Нејасно е кој ќе ги покрие тие трошоци. Координаторот на Фронтот, Валериј Гројканов, на нашето барање да ги коментира наводите, потврди дека организацијата им помага на руските граѓани кои живеат во Германија да дојдат до посакуваната вакцинација. „Вакцината не е достапна во Германија, па нашите волонтери се подготвија да посредуваат за посетата на руските граѓани во татковината за да се вакцинираат против корона," изјави Гројканов. 

Тој не одговори директно на прашањето на ДВ за можноста странски државјани да се вакцинираат во Русија. До моментот на објавување на текстов ниту руското Министерство за здравство не одговори на прашањето на ДВ за правната основа за вакцинациски тури со странци. 

Трка за вакцини 

Јасно е дека патувањата може да служат и како ПР потег на Русија – ако им се дозволи на странци да влезат и покрај затворените граници. Првата руска вакцина го носи името Спутник V по првиот истоимен сателит на светот. Алудира на трката за освојување на вселената од времето на Студената војна и е јасен показател дека руските власти кампањата за вакцинација ја гледаат низ геополитичка призма. Спутник V, една од три руски вакцини, брзо беше лансирана минатата година и покрај наводи дека финалната фаза од клиничките тестирања не е комплетирана. Путин руската вакцина ја оквалификува како „најдобра на светот" и се пофали дека 55 земји ја имаат одобрено вакцината Спутник V, за која се вели дека има ефикасност од 91.6% според студија објавена во почитуваниот научен журнал Лансет.

-повеќе на темата: Русија има уште две вакцини– што се знае досега за нив?

Вакцините како геополитичко оружје

Алберт Сигл, косопственик на агенцијата „Ворлд Визитор" за ДВ рече дека првите патувања ќе добијат голема медиумска покриеност и дека патниците се поделени на две групи, едната за медиуми составена од патници кои сакаат медиумско внимание и другата со патници кои сакаат да се држат во позадина. 

Прашање на етика

Елизабет Штрауб, 56-годишна жена од Берлин, е една од Германците кои планираат следната недела да одат да се вакцинираат во Москва. „Во пандемија луѓето не треба да размислуваат премногу политички,“ вели Штрауб за ДВ. „Наместо тоа тие треба да мислат како сите да се вакцинираат што е можно побргу за да се заузда пандемијата.“ Штрауб вели дека сака да се вакцинира бидејќи често мора да работи во голема отворена канцеларија со повеќе луѓе поради што се плаши да не се зарази. 

Манфред Л. од Мајнц е покритичен во однос на планираното патување. „Секако дека не сакам да станам продолжена рака на Путиновата администрација,“ вели овој 63- годишен маж. Но, додава дека „валканата“ политичка игра меѓу владите и во фармацевтската индустрија го убедила да оди на ова патување. „Не сакам повеќе да учествувам во оваа игра,“ вели тој. „Сега се работи за мене лично, и имам само едно да порачам – прифаќам да бидам лошиот и ќе го направам ова,“ вели тој и додава: „Едноставно сум уплашен дека ако ‘ме фати’ Ковид навистина ќе ме среди.“

Манфред вели дека веќе е предмет на критика од пријатели и роднини поради што не сака да му го споделиме целото име во страв од реакциите од јавноста – вклучително и поради тоа што се решил да си плати за вакцина наместо да чека да му дојде редот во Германија. 

Економски интерес или милосрдие? 

 Се чини економскиот интерес е приоритетен фактор во нудењето на „вакцинациските тури“, кои потенцијално може да го спасат и рускиот туристички сектор, кој според руската Федерална агенција за туризам во 2020 година има пресметано загуби од околу 500 милијарди рубљи (околу 5,6 милијарди долари).

Истото важи и за туристичките компании надвор од Русија, вели Сигл: „Нам како туроператори повеќе од една година не ни е дозволено да организираме патувања. Немам никаква политичка мотивација овде. Ова е едноставно бизнис модел кој се наметна сам од себе.“ Над 700 Германци се пријавиле за едно од „Спутник V“ патувањата до сега преку агенцијата „Ворлд Визитор". 

-повеќе на темата: Зошто дури ни Путин не може да ги убеди Русите да се вакцинираат?

Русија во офанзива со вакцината Спутник V

Сигл вели дека е во комуникација со руската авиокомпанија Аерофлот. „Ворлд Визитор" има букирано веќе 650 седишта во авионот уште пред официјално отворање на границите. Од Аерофлот за ДВ изјавија дека „не може да ја потврдат оваа информација“ додавајќи: „немаме информација за организирани тури за вакцинација на странски државјани." 

Но, Сигл вели дека јавниот демант од руска страна не значи ништо. „Сега не можеш да им веруваш на никој од нашите конкуренти. Разбирливо дека официјално ќе кажат оти не го прават тоа,“ вели тој и додава дека голем е економскиот интерес за „вакцинациски туризам“ во Русија. „Овој концепт ќе и дозволи на Аерофлот повторно да ги врати на небо сите свои авиони“, констатира Сигл.