1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Спутник V наскоро и во ЕУ?

Андреј Гурков
27 март 2021

Европската агенција за лекови (ЕМА) би можела во следните два месеца да издаде одобрение и за руската вакцина Спутник V. Дали така би можела да се забрза вакцинацијата против коронавирусот во Европа?

https://p.dw.com/p/3rDeS
Bolivien | Ankunft Sputnik Coronavirus Impfstoff
Фотографија: Juan Karita/AP Photo/picture alliance

Вакцинирањето против коронавирусот во Европа се одвива бавно. Една од главните причини е недостигот од вакцини. Затоа европски политичари сѐ повеќе ја отвораат можноста за одобрување и на руската вакцина Спутник V во ЕУ. Уште од почетокот на март таа е предмет на проверка од страна на ЕМА, а на почетокот на април експерти од институцијата треба да отпатуваат во Русија за да ги разгледаат на лице место резултатите од клиничките студии и условите во кои се произведува.

Но, на производителите во Русија, исто како и на оние во Европа, досега не им успеа да ги зголемат производствените капацитети на начин, на кој би можела да се задоволи побарувачката дома и во странство. Сепак, Москва е оптимистична.

Производните капацитети треба да се зголемуваат

Вицепремиерот на Русија, Татјана Голикова, која е задолжена за справување со пандемијата, неодамна изјави дека Русија во првото полугодие сака да произведе 178 милиони дози од руските вакцини Спутник V, ЕпиВакКорона и КовиВак. Но, за целосна заштита од Ковид-19 и од овие вакцини се потребни по две дози.

Повеќе:

-Русија во офанзива со вакцината Спутник V

-Европската агенција ја тестира „Спутник V“, додека третиот бран на пандемијата зема замав

-Лажливата надеж во вакцината на Путин

Истовремено во Русија треба до средината на јуни да се вакцинираат повеќе од 30 милиони лица, јави неодамна новинската агенција Тас, повикувајќи се на министерот за здравство Михаил Мурашко. За тоа се потребни околу 60 милиони поединечни дози. За извоз остануваат 118 милиони дози, односно вакцини за околу 59 милиони лица.

Рускиот државен инвестициски фонд, РДИФ кој ја продава вакцината Спутник V во странство, соопшти дека повеќе од 50 земји во светот се во очекување на руската вакцина. Тоа што толку земји веќе имаат издадено одобрение за Спутник V во Русија веќе се слави како меѓународен успех. Според РДИФ, сите тие земји заедно имаат население од преку 1,5 милијарди луѓе. Што доколку и ЕУ со своите 450 милиони жители ја одобри вакцината? Русија не располага со доволни производствени капацитети за количествата на вакцини кои се потребни за да се снабдат толкав број луѓе, ниту во догледно време би можела да ги има.

Производство на Спутник V во странство

Единствениот излез од оваа дилема Кремљ го гледа во градење производствени капацитети надвор од Русија. „За да се задоволи светската побарувачка на нашата вакцина работиме на трансфер на нашата технологија во странство. Во моментов со десет држави имаме договори за изградба на производствени капацитети,“ изјави рускиот министер за индустрија Денис Мантуров во онлајн разговор со претседателот Владимир Путин.

Според медиумските извештаи, вакцината веќе се произведува во Казахстан, Белорусија, Индија, Јужна Кореја и во Бразил. Исто така, РДИФ со швајцарската фирма Адиен Фарма & Биотек потпиша договор за производство на Спутник V во нивната сестринска фирма во Италија. Тоа треба да започне во јули, а до крајот на годината таму е предвидено производство на 10 милиони дози вакцини.

Russland Region Irkutsk | Coronavirus Impfzug
Фотографија: Evgeny Kozyrev/REUTERS

На 24 март излезе веста дека рускиот концерн Р-Фарм има намера да започне со производство на вакцината Спутник V во нивната фабрика во Баварија. Таму од јуни се предвидува производство на милиони дози, изјави за агенцијата ДПА менаџерот на Р-Фарм, Александар Буков. Ова, сепак ,зависи од одобрението од ЕМА. Покрај Италија и Германија, како можни локации за производство на руската вакцина се наведуваат и Австрија, Франција и Шпанија.

Спутник V - едно можно делче во мозаикот

Оттука се поставува прашањето - може ли Спутник V да биде клучен за забрзување на темпото на вакцинација во ЕУ? Дефинитивно не, бидејќи тоа ќе се случи порано, и тоа од повеќе причини. До налето значително ќе се зголеми производството на вакцините на Бионтек/Фајзер. Фабриката во Марбург, Германија, која ја презема Бионтек и која започна со производство во февруари, ветува дека ќе произведе 250 милиони дози во првата половина од годинава. Исто така и француската фармацевтска компанија Санофи најави производство на 125 милиони дози од оваа вакцина за ЕУ.

Од април и американскиот концерн Џонсон & Џонсон ќе започне со испорака во Европа на нивната неодамна одобрена вакцина, а меѓу мај и во јуни се очекува одобрување на втората германска иРНК вакцина од Кјурвак, од која ЕУ може да добие 405 милиони дози. Исто така течат подготовките за одобрување и на американската вакцина Новавакс.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Паралелно, ЕУ на различни начини ќе го притисне концернот АстраЗенека да ги испорача ветените дози и да ги исполни договорно преземените обврски. Тоа се 180 милиони дози само за вториот квартал од годинава.

Тоа значи дека Спутник V би почнал да се користи при крајот на масовната вакцинација во ЕУ и на почетокот веројатно во мали количества. Затоа оваа вакцина не би имала големо влијание врз кампањата за вакцинација во ЕУ. Од друга страна производство на вакцината во европски компании би ѝ овозможило на Русија да го зголеми снабдувањето со Спутник V во други земји во светот.

Вака гледано, ЕУ веројатно нема да биде голем клиент за Русија, туку важна локација за производство на нивната вакцина.