1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спротивставени ставови спречуваат скорешна резолуција на ОН за прекин на огнот

Рајнер Зитфелд21 јули 2006

Остра критика од Анан за израелската прекумерна употреба на сила. Воената операција нема скоро да престане рече израелскиот амбасадор, поддржан и од САД

https://p.dw.com/p/Adze
Советот за безёбедност на ОН
Советот за безёбедност на ОНФотографија: AP

Кофи Анан настапи со остер тон пред Советот за безбедност: „Во повеќе израелски акции гинеа либански цивили и беше разорена инфраструктурата. Иако Израел има право на самоодбрана, сепак треба да се осуди ексцесивната примена на сила“. Генералниот секретар отиде уште чекор понатаму во невообичаената критика: „Што и да прави израелската операција против воените капацитети на Хезболах, таа прави малку или сосем ништо против подршката за Хезболах од луѓето во Либан или во регионот, но затоа пак прави многу за слабеење на владата на Либан“.

Анан од обете страни побара веднаш да замолчи оружјето за да запре убивањето, да се дозволи хуманитарна помош и да и’ се даде шанса на дипломатијата. Истото, според него, мора да важи и за појасот на Газа – Анан и таму ја осуди несразмерноста на насилството.

Израел драстично ги отфрли барањата на генералниот секретар: „Ние ќе продолжиме со акцијата во Либан за бидеме сигурни дека ќе биде отстранета рак-раната во срцето на Либан. При операција на рак не се запира во средината, се зашива раната и му се вели на пациентот ’живеј со него додека не те убие“ – рече израелскиот амбасадор Дан Гилерман. На Анан тој му префрли дека не ги спомнал трите клучни елементи на кризата: теророт, Иран и Сирија.

Американскиот амбасадор при светската организација Џон Болтон смета дека прекин на огнот не може ни да се спроведе: „Како да се реализира примирје меѓу демократски избрана влада и една банда од терористи? Тоа уште никој не го објасни“. Не само поради тоа не може да се очекува од Советот за безбедност итна резолуција за примирје. „Не е на место да се бара примирје. Ние сакаме фундаментална промена. Последното што би го сакале е да се продолжи како досега“ – рече Болтон. Тој јасно стави на знаење и дека во ваквиот американски став ништо нема да промени ни разговорот на државниот секретар Кондолиза Рајс со Кофи Анан.

По се’, остана само резигнацијата на специјалниот либански пратеник Нухад Махмуд: „Постојаниот оган, продолжувањето на убивањето и разорувањето на инфраструктурата не помага во ниедна насока“.