1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортот и образованието тешко одат рака под рака?

26 ноември 2010

Спортистите во Македонија порано одбираа други струки и стекнаа високо образование. Денес спортистите најчесто го бираат факултетот за физичка култура. МОК иницираше бесплатни постипломски студии за спротски маркетинг.

https://p.dw.com/p/QCKQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Деновиве, на иницијатива на Македонскиот олимписки комитет, тројца македонски спортисти - репрезенти добија шанса бесплатно да запишат постдипломски студии од областа на спортскиот маркетинг. Има место уште за едно име, но на прстите од една рака во моментов можат да се избројат врвните спортисти со завршен факултет. Повод за прашањето, колку македонските истакнати спортисти сакаат да учат, колку полагаат на својата наобразба? Анкетирајќи луѓе што се инволвирани во фудбалот, во кошарката, во ракометот, во одбојката се добива слика дека омиленото место за студирање е факултетот за физичка култура. За дипломци на други факултети речиси и да не можат да се сетат.

Некогаш беше поинаку!

На пример фудбалерите Раде Чапаревски, Миле Миланов, Војче Димитровски станаа познати лекари. Ракометарот Никола Матовски е професор на правниот факултет, Теофил Томановиќ стигна до судија на Врховен суд... има и многу други. Факултетската диплома закачена покрај пехарите и медалите, скоро и да беше нешто нормално. Познатиот одбојкар на Вардар, Трифун Трифуновски, екс-југословенски репрезентативец, дипломиран правник си спомнува: „Не можам да се сетам дека играч кој што настапувал во одбојкарскиот клуб Вардар во тој временски период немаше завршено факултет. Сите што тренираа во ОК Вардар беа или студенти или беа академски граѓани.“

Gorge Vojinovic Mazedonien
Ѓорѓе ВојновиќФотографија: DW/Kalinski

Ѓорѓе Војновиќ до скоро беше миленик на кошаркарските фанови. Спортската кариера ја заврши со титулар од постдипломските студии во Грција. Тој вели дека спортот бара откажувања, но и дека секогаш може да се усклади со учењето. „Спортот бара многу откажувања. Спортот плус наука бара уште повеќе откажувања. Значи во најубавите години од младиот живот има многу откажувања, кои сигурно ќе донесат плод после завршувањето на спортската кариера.“

Високо образовани спортисти денес се реткос

Во глобала, спортистите во Македонија по завршувањето на кариерата најчесто продолжуваат да работат или како тренери или стануваат угостители. Чест на исклучоците. Главно, спортисти - социјални случаи има малку. Еден од нив беше олимпискиот боксерски вицешампион Реџеп Реџеповски, но со добивањето на спортската пензија се исправи на нозе. Зошто денес спортот и образованието тешко одат рака под рака, што потенцијално може да продуцира социјални случаи. Вакво е мислењето на Трифун Трифуновски: „Сега мислам дека инвеститорите во клубовите апсолутно не ги интересира иднината на играчите коишто настапуваат. Тие се заинтересирани за брз спортски резултат, но не се заинтересирани што ќе стане со младиот спортист после завршувањето на кариерата.“

Trifun Trifunovski Mazedonien
Трифун ТрифуновскиФотографија: DW/Kalinski

„Она што мислам дека е негативно е таа квази професионалност во нашиот спорт, каде што некои работи ги прескокнавме бркајќи брз успех. И во тоа бркање на брзиот успех најголемата цена ја плаќаат спортистите“, вели, Ѓорѓе Војновиќ, потенцирајќи дека се’ повеќе се губи чувството за одговорност и се заборава каква ќе биде судбината на спортистот по завршувањето на кариерата.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска