1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ристовски: Доста е од жигосување на различните ставови!

19 февруари 2019

Сакам да верувам дека членството ќе се обедини и оти партијата ќе освои 550.000 гласови, и покрај сегашните методи за изолација на одредено членство преку негово жигосување и отфрлање, вели Ристовски во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/3Dczt
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го разбранува членството на опозициската партија. На социјалните мрежи може да се прочитаат и бројни аргументи, но и серија приземни навреди за таквиот избор. Во таа шума од ракции, тешко е да се издвои главниот екстракт на незадоволството. Спиро Ристовски, поранешен министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ за труд и социјална политика (2011-2013) и за образование и наука (2013-2014), во разговор за Дојче веле отворено скицира дел причините.

Отворено зборуваше и лани во ноември, кога даде јавна поддршка на групата од осум опозициски пратеници која се вклучи во собраниските процеси за уставни измени, за национално помирување и заштита на националниот идентитет.

„ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш важела за партија во која имало силна внатрепартиска дискусија на демократски принципи во однос на стратегиските прашања“, изјави тогаш Ристовски. 

Таквото уверување сега е пред нов испит. 

ДВ: На социјалните мрежи доминира огромно незадоволство од кандидатот што го избраа делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа со големо мнозинство со 408 гласови. Што е причината за ваквото незадоволство?

Спиро Ристовски:  Состојбата е загрижувачка бидејќи не се среќни со овој избор. Се чудат, но и се чудам што наш кандидат за претседател стана лидер на некогашниот професорски пленум, без оглед кој во периодот на студентските протести бил во право, а кој не. Односот е двостран. Во партијата не е заборавен 'учинокот' на тој пленум. Реагираат, затоа што главното прашање е дали со овој кандидат партијата може да освои 550.000 гласови. Да потсетам, Иванов беше избран со 500.000 гласови, во услови кога партијата беше на власт и со тренд на растечка доверба. Раководството веројатно смета дека со стабилно гласачко тело и со некаква додадена вредност ќе стигне до резултат. Легитимно е прашањето на членството - со какви математики е направена таа пресметка?   

Допираат ли реакциите од членството до раководството на партијата?

За жал, раководството е во еден вид самоизолација. А секој што ќе изнесе и минимум различен став од оној на раководството, веднаш се соочува со етикетирање, девалвирање, жигосување и натамошно изолирање од партијата. А сето ова се случува токму во време кога на ВМРО-ДПМНЕ му е потребно единство постигнато низ разговори, посветеност на членството, и обединување. И по овие мои изјави очекувам да има лавина од фејсбук-статуси на поединци, коишто и претходно ме жигосуваа затоа што имам различен став.   

Spiro Ristovski
Спиро РистовскиФотографија: MIA

Според изјави на членови на ИК, како да се подготвува алиби за партискиот лидер во случај на пораз на изборите. Со образложение „тој не е кандидат и нема одговорност за резултатите“, целиот товар за евентуален неуспех се остава на конто на кандидатот...

Ги слушнав таквите тези. Прво, не се согласувам со тезите дека Мицкоски не е кандидат, па според тоа и не е соочен со никаква одговорност во случај на изборен пораз. И јас не бев 'кандидат', но како претседател на Изборниот штаб на локалните избори во 2017 година, пред Централниот комитет на партијата ја понесов целата одговорност за изборниот резултат и не преземав никакви други партиски функции потоа. И Груевски се повлече од лидерската функција. Така што, тие тези се спротивни на досегашната партиската практика за елементарна одговорност. Но, најмногу ме разочарува тоа што со ваквите изјави се остава впечаток како партијата однапред да се подготвува за пораз, наспроти сите изјави дека ќе оствари голема победа. Самата филозофија за вакво градење алиби по можен пораз, е исклучително демотиврачка за членството. Нормално е секој да се праша - а за што се бори партијата? 

Зошто вашиот „Тоти“, момчето што израсна во партијата и имаше непрекината серија успеси како носител на листи на ВМРО-ДПМНЕ, доби само 80 гласови од делегатите?

Да, тоа е едно од главните прашања. Но, јас најмалку можам да одговорам зошто Влатко Ѓорчев доби само толку гласови. Одговорот треба да го даде раководството на партијата. Но, без оглед на резултатот од конвенцијата, уверен сум дека како долгогодишен член на партијата, Ѓорчев и натаму ќе продолжи максимално да придонесува за неа.

Какви се вашите очекувања од претседателските избори?

Сакам да верувам дека членството ќе се обедини, дека од оваа изборна трка партијата ќе излезе како победник и дека ќе освои 550.000 гласови, и покрај сегашните методи за изолација на одредено членство преку негово жигосување и отфрлање, но и самоизолација на раководството. На кадидатката за претседател и посакувам се најдобро, многу успех и победа!