1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со јазиците изумира културната разноликост

Тони Гламчевски21 февруари 2009

Над 2.500 јазици од вкупно 6.912 јазици во светот денес се загрозени, констатира најновото електронско издание на Атласот на јазиците во опасност во светот во издание на организацијата УНЕСКО.

https://p.dw.com/p/Gxuk
Правото на јазикот- право на идентитетФотографија: dpa - Bildfunk

Атласот беше претставен во Париз во предвечерието на Меѓународниот ден на мајчините јазици (21 февруари). Зголемувањето на бројот на загрозените јазици не претставува нагло влошување на ситуацијата, туку подобро запознавање со неа, нагласуваат 25 лингвисти кои разботеа на Атласот.

Загрижувачки податоци

Податоците со кои располага УНЕСКО се загрижувачки: над 200 јазици исчезнале од 1950 година до денес, 538 се во критична состојба, 632 во опасност и 607 се загрозени. Атласот на јазиците во опасност, со точност покажува дека 199 јазици се зборувани од помалку од десет лица и уште 178 други јазици ги зборуваат само меѓу 10 и 50 лица. Меѓу јазиците кои исчезнаа неодамна се наведени: маноа-зборуван на островот Ман и згаснат во 1974, аасакс во Танзанија изчезнат во 1976, убик во Турција во 1992 и последниот на листата на мртви јазици е евак од Алјаска, кој згасна заедно со Мари Смитс Џонс во 2008 година.

„Јазиците од секогаш се раѓаат, еволуираат и исчезнуваат, во спротивно сега немаше да ви зборувам на француски, туку на галски или латински, но не на јазикот кој е роден од креолизацијата на двата. Проблемот е во тоа што треба да се прифати еволуција и природната смрт на јазиците, но треба да се направат напори за да се избегнат програмираните замрувања.“ – вели Мауро Роси од секторот за јазици на УНЕСКО.

Zwei Männer unterhalten sich in Gebärdensprache Taubstumm, Stumm, taub, gehörlos, Zeichensprache
Јазикот е основно средство за комуникацијаФотографија: AP

Концентрацијата на јазиците во опасност е посебно силна во регионите со голема јазична разноликост како Меланезија, Африка и Јужна Америка. Но исто така Северна Америка и Австралија, каде сега се прават успешни напори за оживување на ретките јазици.

Можности за ренесанса на јазиците

Борбата за почитување на јазичните права, политичкиот и институционалниот волонтаризам, се фактори кои можат да доведат до ренесанса на јазиците. Примерот со двојазичноста во уставот на Парагвај доведе до скоро изедначување на лицата кои зборуваат шпански и гуарани. Но во Ирска, иако наставата на ирски е доволно застапена, само 5 до 6 % од населението го зборува јазикот.

Во времето кога англискиот јазик доминира во светот, сепак не е тој кој ја загрозува јазичната разноликост. Опасноста доаѓа од регионалните јазици, кои се наметнуваат на сметка на „малите“ јазици. Пример е доминацијата на свахили во Источна Африка, бидејќи тој се изучува и овозможува да се најде работа, со што загрозува над триесетина јазици кои се зборуваат во Танзанија.

Во Германија загрозени 13, во Македонија 7 јазици

Во Германија според Атласот во опасност се 13 јазици како алеманскиот, баварскиот, источнофранскиот, рајнфранскиот, јазикот на лужичките срби итн.

Quiz10 sprachen 07
Треба да се негува богатството на јазиците

Во Македонија се загрозени седум јазици како сефарадскиот, мегленороманскиот, ромскиот, влашкиот, горанскиот, адигејскиот и гагаузкиот. Македонскиот јазик не се појавува како загрозен во ниту една од земјите каде живее македонско малцинство.

„Од повеќето илјадници јазици во светот, само неколку стотина се користени во школскиот систем и се присутни на интернет, јазици на кои може да се пишува и да се купат весници. Генерално, многу малку јазици се зборувани на јавни места во споредба со бројот на постоечките јазици.“ - вели Мауро Роси. Притоа тој нагласува:

„Културната разноликост треба да биде зачувана. А како може да биде зачувана таа разноликост, ако не се спаси едно од најважните од културните изразувања – како што се јазиците. “