1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со минимална регулатива, максимална заштита на новинарите!

Силвера Падори-Кленке7 октомври 2013

Слободата на информацијата е предизвик и за малите земји. Оние со долги новинарски традиции на Македонија и‘ препорачуват: минимална регулатива за максимална заштита на медиумите од ограничувања!

https://p.dw.com/p/19l4L
Фотографија: Fotolia/picsfive

„Од решавачко значење е медиумите во Македонија да бидат колку што е можно послободни! На слобододното демократско општество му се потребни печат и медиуми кои во своето известување мора да се максимално заштитетни. Значи, кога станува збор за регулирањето - основно би било печатот да се заштити од ограничувања. Кон ова истотака припаѓа и обезбедувањето пристап до информациите, што значи - државата и институциите мора да им ги направат на новинарите достапни информациите кои им се потребни“, вели за ДВ Петер Шаар, сојузен германски ополномоштеник за слобода на информациите и заштита на податоците. Иако во моментов нема актуелен увид во она што сега се случува во доменот на слободата на информацијата во Македонија, Шаар е категоричен дека за земјата која е на европски пат исклучително е значајно „мерките на регулирање да се колку што е возможно поограничени. Новинарите треба да бидат привилегирани и во кривичните постапки да имаат право да ја задржат тајноста од каде ја добиле информацијата. Во Германија, тоа се вика заштита на изворот и е исклучително важна работа“.
Петер Шаар едновремено истакнува дека регулирањето на оваа сфера е важно не само поради неопходноста новинарите да ги добиваат потребните информации од надлежните служби за да можат да работат, туку и од аспект на заштитата на податоците. Во овој дел Шаар вели дека Македонија преку проекти со ЕУ и нејзините членки направила многу, што во време на брз проток на информации е од исклучително значење, како за државата, така и за претпријатијата кои во неа стопанисуваат, а со тоа и за сите кои таму живеат.

Без цензура, но со модерирање!!

„Во ова наше време на модерни медиуми потребен е систем на информирање кој ќе обезбеди брза, точна и значајна информација. И за големите и за малите држави какви што се Словенија и Македонија, важи истиот предизвик – да има слободни медиуми и новинарите да имаат пристап до секоја информација. Вистина е дека ова не е лесна работа, особено ако се има предвид традицијата од минатото кога до информациите морало да се дојде преку врски, или кога целно се пласирале одредени информации. Од искуството на Словенија, а кое го препотрачувам и за Македонија, би кажала дека е исклучително важно постојано да се зборува за важноста на слободата и пристапот на информацијата. На Законот кој ова го гарантира да не се гледа како на акт кој само носи дополнителен ангажман за сите државни, општествени и приватни институции и организации кои сега мораат да имаат задолжено лице кое се става на располагање да ги обезбеди сите барани информации, не само од страна на новинарите, туку и од обичните граѓани“, објаснува Росана Лемут Стрле, заменикот ополномоштеник за слобода на информациите на Словенија.
Регулативата е една работа, но практиката друга! Формално и во Словенија, како и во многу други европски држави, како на пример Велика Британија, новинарите ја имаат полната слобода за се’ да информираат. Наспроти ова, искуствата се различни. Во Велика Британија на пример, како кажува новинарката Хедер Брук, по доставувањето на конкретно прашање за една проблематика, институциите имаат законско право да одговорат во временски рок од три месеци. Заради тоа за поголеми проекти и истражувања се планира и повеќе време, но може да се случи додека некој чека на одговор, некој друг веќе да ја објави приказната. Дали поради порано добиената идеја и порано поставеното прашање до надлежните или снаоѓање - е друго прашање?
„Ѓаволот е во деталите“, коментира и Росана Лемут Стрле, потсетувајќи на големиот товар што во минатото го имал терминот „цензура“ и истакнувајќи дека сега овој збор никаде го нема, пред се’ поради тоа што е спротивен на демократијата и демократскиот речник. Но, иако никој не сака да признае, факт е дека контролираниот пласман на одредени информации од одредени извори сега се опфаќа со модерниот термин „модерирање“.

Rosana Lemut Strle Stellvertreterin des Beauftragten für Informationsfreiheit Slowenien
Треба да се зборува за значењето на слободниот пристап до информацијата - Росана Лемур СтрлеФотографија: DW/S. Padori-Klenke
Peter Schaar Bundesbeauftragter für Datenschutz und Informationsfreiheit
Заштитата на изворот на информацијата е важна работа, вели Петер ШаарФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Инаку, Стрле вели дека притисок има секаде и најмногу зависи од новинарите - дали на истиот ќе подлегнат или ќе се спротивстават! Во Словенија новинарите се здружени во две здруженија на фелата. Секое од Здруженијата има свој Кодекс и „Новинарски суд“ пред кој може да настапи секој кој смета дека со објавувањето на одреден текст е повредена приватноста или не е кажана вистината.

Никаде не цветаат рози

„Сметам дека во модерната плуралистичка демократија неопходно е да се има слободен печат, слободна радиодифузија и минимален степен на регулирање кој ќе гарантира непристрасност на пример во вестите со што тие ќе бидат веродостојни и ќе го гарантира плурализмот, зашто впрочем не може се’ да биде под контола на државата или големите медиумски могули кои купуваат се’. Морам да кажам меѓутоа дека секоја земја, па и Македонија, во оваа сфера си пробиваат свој сопствен пат“, вели за ДВ Кристофер Греам, главен ополномоштеник за информации на Велика Британија кој долго години работел во ББЦ. Тој бил задолжен на делегациите од сиот свет (меѓу кои и од некогашна Југославија) да им го објасни принципот на функционирање и слободата на радиодифузијата на најголемата британска медиумска куќа.
„Независноста на ББЦ се гарантира во т.н. ’Ројал Чарта’ или Кралски акт. Во една прилика бев прашан: како може во една земја да се формира ’Ројал чарта’ со која ќе се гарантира слободата на информацијата? Објаснив дека прво мора да има кралица, а потоа се’ друго што следува“, шеговито објаснува Греам кој дополнува дека од 2007 и покрај големата традиција, британските печатени медиуми имаат големи проблеми. По бројните забелешки од читачката публика, Службата за информации што ја раководи Греам во 2007 година подготвила извештај во кој се покренуваат прашањата за искористувањето на новинарството за приватни истраги, за лични информации од јавниот сектор со кои понатаму се прават мали тргувања и бизниси. Во злоупотребата на базите на податоци кои им биле достапни, не биле инволвирани само новинари, туку и адвокати.
„Жал ми е што морам да кажам дека во изминативе седум години ништо не се случи и проблемот остана. Имаме страотни поплаки за стандардите на таблоидите. Судиите кои се инволвирани во многуте процеси (за повреди на приватната сфера) сугерираат покредибилен систем на саморегулирање. За ова има големи несоглаувања меѓу печатот и политиката и се’ е доведено во ќорсокак. Затоа, не сакам да кажам - гледајте Македонци, во Велика Британија се’ е прекрасно! Ние имаме долга традиција која треба одново да се преработи за да функционира и во меултимедијалниот интернет свет. А, она на што мора да се инсистира за да нема вакви проблеми како во Британија, така и во Македонија и секаде во светот е: висок стандард на секој медиумски производ, на весникот, радиото, интернет порталот “, заклучува за ДВ Кристофер Греам, главен ополномоштеник за информации на Велика Британија

Christopher Graham Beauftrageter für Informationsfreiheit Großbritannien
Проблемите со таблоидите во Велика Британија не се надминати - Кристофер ГреамФотографија: DW/S. Padori-Klenke